
Израелските заложници ќе бидат разменети за 1.904 палестински затвореници
Вкупно 1.904 Палестинци ќе бидат ослободени од израелските затвори и логори за време на прекинот на огнот договорен меѓу Израел и Хамас, објави израелската влада.
Препорачано
За возврат, Хамас треба да ослободи 33 од 98-те израелски заложници за време на шестнеделната пауза во борбите што треба да започнат в недела наутро.
Израелската влада го одобри договорот со палестинската милитантна група Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Појасот Газа, објави во саботата канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, еден ден пред да стапи на сила договорот.

Во раните утрински часови во саботата, по седницата која траеше повеќе од шест часа, владата го ратификуваше договорот што може да го отвори патот за крај на 15-месечната војна во палестинската енклава под контрола на Хамас.
„Владата ја одобри рамката за враќање на заложниците. Рамката за ослободување на заложниците ќе стапи на сила во недела“, соопштија кратко од канцеларијата на Нетанјаху.
Иако на договорот се противат некои тврдокорни од израелската влада, медиумите јавуваат дека 24 министри од коалициската влада на Нетанјаху гласале за договорот, а осум биле против.
Противниците тврдат дека договорот за прекин на огнот претставува капитулација пред Хамас.

Министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир се закани дека ќе поднесе оставка доколку договорот биде одобрен и ги повика другите министри да гласаат против него. Но, порача дека нема да ја урне власта.
Министерот за финансии Безалел Смотрич, исто така, се закани дека ќе ја напушти владата доколку Израел не се врати во војна за да го порази Хамас по првата фаза од прекинот на огнот.

фото: EPA-EFE/GIL COHEN-MAGEN / POOL
Според израелската влада, меѓу Палестинците кои ќе бидат ослободени има 1.167 приведени жители на Појасот Газа кои не биле вклучени во масакрот извршен во Израел на 7 октомври 2023 година од страна на Хамас и други екстремисти.
Се верува дека тие се борци на Хамас кои биле заробени за време на повеќе од 15 месеци борби.
Останатите 737 Палестинци кои ќе бидат ослободени главно се затворени за помали прекршоци како што се фрлање камења на Западниот Брег или илегално преминување на границата, нелегално поседување оружје или други прекршоци.
Но, во оваа група има и Палестинци кои отслужуваат казна за тешки кривични дела како убиство, според списокот на израелското Министерство за правда, односно ќе бидат ослободени 22 Палестинци обвинети за тешки напади врз Израелци.
Ова вклучува поединци како Закарија Зубеиди, кој беше командант на вооруженото крило на Фатах, бригадата Ал-Акса, во Џенин за време на втората Интифада во 2000 година.
Приближно 3.500 Палестинци и повеќе од 1.000 Израелци беа убиени за време на бунтот од 2000 до 2005 година.
На списокот е и Махмуд Аталах, кој отслужува доживотна затворска казна за убиство на Палестинка обвинета за соработка со Израел, како и Ваел Касем и Висам Абаси, кои наводно се вмешани во бомбашките напади во Израел со десетици жртви.
Сепак, најистакнатиот палестински затвореник во Израел, Марван Баргути од раководството на Фатах, нема да биде ослободен. Тој беше осуден на доживотен затвор во 2004 година.
Израелските воени авиони продолжија со тешките напади во Газа откако беше договорен прекинот на огнот.

Израелските тенкови ги гранатираа источните области на населбата Зејтун во градот Газа, а израелски авиони пукаа врз области во централниот и јужниот дел на Газа во саботата, изјавија жителите.
Лекарите во Газа соопштија дека пет лица биле убиени во шатор во областа Маваси западно од Кан Јунис во воздушен напад на југот на енклавата.
Вкупно 123 Палестинци се убиени во израелските бомбардирања од објавувањето на договорот во средата, соопшти палестинската служба за итни случаи.

Во саботата се огласија сирените во Ерусалим и Тел Авив. Армијата подоцна објави дека соборила проектил истрелан од Јемен и не соопшти дека има жртви.
Прекинот на огнот ќе стапи на сила во недела во 7:30 часот по средноевропско време, објави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи на X.
Белата куќа очекува попладнево преку Црвениот крст тројцата заложници да бидат пуштени во Израел.