Бен Гвир / Фото EPA-EFE/ABIR SULTAN

Израелскиот министер Бен Гвир е под истрага во Италија за тортура и за киднапирање активисти од флотилата за Газа

Италијанските обвинители отворија истрага против израелскиот крајнодесничарски министер за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, поради третманот на активистите кои минатиот месец беа дел од флотилата за Газа, објави „Ројтерс“.

Извор од правосудството, кој побара да остане анонимен, ги потврди претходните извештаи на италијанските новински агенции и рече дека Бен Гвир се истражува под сомнение за тортура и за киднапирање италијански државјани кои биле меѓу активистите.

Ако истрагата утврди дека има основа за обвинение, обвинителите би можеле да поднесат формално барање за судење.

„Не се повлекувам“

Како реакција на италијанската истрага, Бен Гвир во изјава рече:

„Нема да се повлечам пред оваа или онаа истрага и ќе продолжам гордо да стојам покрај нашите борци“.

Израел и Бен Гвир се соочуваат со сè поголеми меѓународни критики откако министерот кон крајот на мај објави видео на кое се гледаат приведени активисти за Газа како клечат со врзани раце, откако Израел ја пресретна хуманитарната флотила во меѓународни води.

Организаторите соопштија дека меѓу 430-те активисти, приведени од израелската полиција, имало државјани на Италија и на Јужна Кореја.

Во видеото што Бен Гвир го објави на „Икс“, полицајци присилуваат активистка да легне на земја откако таа скандирала „Слободна, слободна Палестина“.

„Нè тепаа, измачуваа и сексуално злоупотребуваа“, велат јужнокорејски активисти кои биле заробени од Израел на флотилата за помош на Газа

 

Италија го оцени третманот како „неприфатлив“

Владата на италијанската премиерка Џорџа Мелони го оцени третманот на активистите како „неприфатлив“ и го повика израелскиот амбасадор на објаснување.

Потоа Италија побара од Европската Унија да разговара за санкции против Бен Гвир, додека Франција одлучи да му забрани влез на својата територија.

Организаторите на флотилата велат дека нивната цел била да ја пробијат израелската блокада на Газа со доставување хуманитарна помош, за која хуманитарните организации велат дека сè уште недостасува, и покрај прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас постигнат со посредство на САД, кој е во сила од октомври 2025 година и содржи гаранции за зголемена помош.

Израел тврди дека неговата поморска блокада на Газа е законска.

Израелците тепале и врзалe со лисици италијански новинар од флотилата за помош на Газа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот