Израелски бој на Косово

Фото: Слободен печат

Некој помисли дека специјалниот статус на српските општини на Косово и статусот на средновековните цркви и манастири или проблемот на исчезнатите и трајно раселените лица треба да бидат во фокусот на вниманието кога преговараат претставниците на Белград и Приштина. Како да не!

Мислам, глупаво е и да се разговара за царини, за изградба на автопат, за телекомуникациско поврзување, мини-Шенген и каква било друга соработка помеѓу Косово и Србија додека не се реши прво израелското прашање. Да, добро слушнавме дека признавањето на Израел од страна на Косово, како и преместувањето на амбасадата на Србија од Тел Авив во Ерусалим е договорено со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп и свечено потпишано во Белата куќа. Со тоа е решен деценискиот спор кој двете страни го водат, а се однесува на израелската супремација врз палестинската држава.

Сигрен сум дека ниту Александар Вучиќ, ниту пак Авдула Хоти поим немале што потпишуваат. Тоа, впрочем, и може да се види на урнебесните видеоснимки, снимени од самиот чин на потпишувањето во Вашингтон, кога претседателот и премиерот вртат збунето по страниците од договорот, чудејќи се од содржината за која претходно никогаш не се разговарало.

Навистина не знам како би се објаснило тоа, кога две земји што не се признаваат се согласуваат да признаат трета. И зошто воопшто тоа и би било тема? Преговорите во Вашингтон беа најавени пред повеќе месеци и потоа двапати беа одлагани. Пред тргнувањето на двете делегации слушнавме еден куп спротивставени ставови за поголем број болни теми, за кои е потребна дипломатска виртуозност за да бидат решени. Дознавме и дека во преговорите била поставена сега веќе фамозната точка 10 од Договорот, со која и двете страни меѓусебно се признаваат. На инсистирање на српската делегација оваа точка била отстранета, но очигледно дека била додадена нова и се однесува на еден друг децениски спор, кој го водат Израел и Палестина.

Нема што, направен е преседан во дипломатијата, кој би можел да доведе до спектакуларни резултати. Еве, на пример, во наредната рунда преговори помеѓу Израел и Палестина, би можело да се признае екстериторијалноста на манастирот „Високи Дечани“ на Косово или зошто да не специјалниот статус на Пеќката патријаршија. А зошто во преговорите со авганистанските Талибанци не биде спомната и воената репарација која косовските претставници имаат намера да ја побараат од Србија? Или одамна договореното создавање на Заедница на српски општини би можело да се реализира со некој нов план за акција во односите помеѓу скараните племиња во Судан.

Па зошто да не се употреби истата формула и во нашиот спор со Бугарија, а кој се однесува на разликите во толкувањето на историјата? За Гоце Делчев нека разговараат Украинците и проруските сепаратисти од Донбас, а за Илинденското востание нека расправаат раскараните либиски генерали. Па и онака светот го разбираме, како што ни вели максимата на Гоце, значи како „поле за културен натпревар на народите“, што според најновата Трампова формула за дипломатија, би можело да се преиначи како „поле во кое народите си ги трампаат проблемите“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот