Израелската влада: Договорот за прекин на огнот со Хезболах не се спроведува доволно брзо

Израелската влада предупреди дека договорот за прекин на огнот со либанската екстремистичка организација Хезболах не се спроведува доволно брзо, а остануваат уште само неколку дена до крајниот рок за повлекување на израелските сили од јужен Либан.

Израел и Хезболах се согласија на прекин на огнот во ноември, со посредство на САД и Франција, ставајќи крај на повеќе од едногодишниот конфликт.

Според договорот, израелските сили треба да се повлечат од Либан и Хезболах од југот на земјата во рок од 60 дена, а крајниот рок истекува следниот понеделник наутро.

„Имаше позитивен развој каде либанската армија и УНИФИЛ (мировните сили на ОН во јужен Либан) го зазедоа местото на силите на Хезболах, како што е предвидено во договорот“, изјави за новинарите портпаролот на израелската влада Дејвид Менсер.

Тој додаде дека исто така било јасно дека движењето не е доволно брзо, дека има уште многу работа и потврди дека Израел сака договорот да продолжи.

Како што јави Ројтерс, Мансер не одговори директно на прашањето дали Израел побарал продолжување на договорот и дали израелските сили ќе останат во Либан по истекот на рокот од 60 дена.

Тројца дипломати рекоа дека израелските сили сепак ќе бидат во некои делови на Либан после тоа.

Либански политички извор рече дека либанскиот претседател Џозеф Аун разговарал со американски и француски официјални претставници за да побараат од Израел да го заврши повлекувањето во предвидениот рок.

Либанската влада им порача на американските посредници дека во спротивно тоа ќе го комплицира распоредувањето на либанската армија и ќе биде удар за дипломатските напори и оптимистичката атмосфера во Либан откако Аун беше избран за претседател на 9 јануари.

Пратеникот на Хезболах Али Фајад на 20 јануари најави дека целиот либански народ ќе влезе во нова фаза на „спротивставување на израелската окупација со сите можни средства“ доколку Израел не се повлече.

„Оваа конфронтација е одговорност на сите Либанци, владата, армијата, народот, партиите и отпорот“, рече Фајад, според либанската Национална новинска агенција.

Израелските медиуми објавија дека Израел побарал од САД дополнителни 30 дена за да ги повлечат своите трупи од јужен Либан бидејќи либанската армија полека се распоредува, а израелските сили сè уште наоѓаат складишта за оружје на Хезболах.

Повикувајќи се на упатени извори, весникот Хаарец наведува дека САД и Франција разговараат за бараното продолжување и дека Франција не се противи доколку другите страни се согласат.

Меѓутоа, израелското армиско радио објави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е помалку склона да го продолжи рокот од претходната администрација на Џозеф Бајден и бара целосно повлекување до недела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот