Израел прогласи делумна победа: Хамас повеќе не е воена формација!
Хамас сега е вклучен во герилска војна и ние сѐ уште се бориме со терористи на Хамас и го гониме раководството, изјави министерот за одбрана Јоав Галант, единаесет месеци откако Израел ја почна операцијата во Газа
Хамас повеќе не е воена формација, објави Израел речиси една година откако ја почна жестоката и безмилосна офанзива во Газа, во која загинаа многумина милитанти, но и десетици илјади цивили.
Израел тргна во војна како одговор на ненадејниот масовен напад на терористи од Хамас врз израелски населби, во кој за само еден ден беа убиени повеќе од 1.200 луѓе и беа грабнати 250 заложници. Израелските власти упорно тврдат дека наспроти огромниот број цивилни жртви, страдањата и уништувањата во Газа, војната нема да запре сѐ додека не биде елиминирана заканата од Хамас за жителите на Израел. Изјавата на министерот за одбрана Јоав Галант укажува дека таа цел сѐ уште не е исполнета, но и дека Хамас претрпел сериозни загуби.
– Хамас како воена формација повеќе не постои. Хамас сега е вклучен во герилска војна и ние сѐ уште се бориме со терористи на Хамас и го гониме раководството – изјави министерот Галант.
Израелските одбранбени сили соопштија дека се елиминирани повеќе од една половина членови на военото крило на палестинската група, Бригадите Ал касам, и дека се убиени или неутрализирани повеќе од 14.000 борци на групата, од вкупното членство од 30.000 до 40.000, колку што беше проценето пред да почне војната во октомври минатата година.
Нетанјаху одбива
Галант притоа изрази поддршка за постигнување договор за ослободување на преостанатите заложници, што Хамас ги крие на локации во Газа, како прва фаза од постигнувањето примирје. Тоа, според министерот, би му дало на Израел „стратегиска можност да се посвети на другите предизвици за безбедноста“.
– Враќањето на заложниците дома е вистинската работа – изјави Галант.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху, сепак, упорно ги отфрла жестоките притисоци од роднините на заложниците и од голем дел од јавноста итно да постигне договор за прекин на огнот, што би овозможило ослободување на луѓето заробени во Газа, додека сѐ уште се живи. Нетанјаху не се откажува од заложниците, но е категорично против исполнувањето на обврската на Израел како дел од планот – да ослободат Палестинци што се затворени поради тероризам.
Сепак, се преговара и веќе е утврден коридорот „филаделфи“, покрај границата на Газа со Египет, сѐ до Нетзарим, низ кој треба да се евакуираат луѓето. Нетанјаху инсистира Израел да ја задржи контролата врз коридорот „за да спречи шверцување и извлекување на терористи“. Хамас, пак, бара целосно повлекување на израелските копнени сили од Газа.
Израелските сили не само што не се повлекуваат, туку и продолжуваат со безмилосните напади врз цели на Хамас, во кои речиси секогаш страдаат цивили.
Три огромни бомби врз шатори со бегалци
Само прексиноќа повеќе од 40 луѓе биле убиени, а уште десетици биле ранети при израелски воздушни удари врз локација што била определена како хуманитарна зона. Израел објави дека цел на нападот на авионите бил „оперативен центар на Хамас во бегалскиот камп Хан Јунис“ и дека „биле преземени сите неопходни чекори за да се намали ризикот од повреда на цивили“.
Жители од хуманитарната зона Ал Маваси, сепак, велат дека целта на трите напади биле шатори во кои биле сместени раселени лица и дека бомбите направиле кратери длабоки до 7 метри.
– Четириесет луѓе беа убиени и повеќе од 60 се повредени, додека уште многумина се под урнатини и под песок – изјави за Би-би-си оперативниот директор на локалната Цивилна заштита.
Членови на доброволни спасителни групи изјавиле дека на местото на кое сега се трите кратери имало најмалку 20 шатори со бегалци.
– Нашите тимови сѐ уште извлекуваат маченици и ранети од локацијата што беше погодена. Ова се чини како уште еден израелски масакр – изјавил претставник на Цивилната заштита.
Анкара прва реагираше, оценувајќи го нападот врз Ал Маваси за „воено злосторство“.
– Го осудуваме израелскиот масакр врз десетици Палестинци при напад врз шатори со цивили во хуманитарна зона кај Хан Јунис… Израел додаде ново злосторство на својата листа воени злосторства – објави Министерството за надворешни работи на Турција.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган упорно го обвинува Израел за геноцид и бара да биде казнет од меѓународните институции, а западните земји ги критикува поради поддршката на израелската офанзива.
Гутереш: Израел не сака мировници од ОН
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш уште пред синоќешниот напад изјави дека хуманитарната ситуација во Газа е катастрофална.
– Степенот на страдање на кое сме сведоци во Газа, не може да се спореди со ништо друго во времето на мојот мандат како генерален секретар на Обединетите нации. Никогаш не сум видел толку висок степен на смрт и уништување, како што гледаме во Газа во изминатите неколку месеци – изјави Гутереш, кој на челото на ОН дојде пред седум години.
Истакнувајќи ја потребата за прекин на огнот, Гутереш истакна дека ОН понудиле да го надгледуваат примирјето „какво и да е“, но додаде дека е „нереално да се помисли“ дека Обединетите нации може да имаат улога во иднината на Газа, било како мировни сили било како администратори, бидејќи Израел тоа никогаш не би го прифатил.
– Секако дека сме спремни да направиме сѐ што од нас ќе побара меѓународната заедница. Прашање е дали страните ќе го прифатат тоа, особено дали Израел ќе го прифати – изјави Гутереш.
Од почетокот на израелската офанзива, во Газа се убиени 41.020 луѓе, а 94.925 се ранети, според вчерашниот биланс на локалното Министерство за здравство. Речиси сите од вкупно 2,3 милиони жители на појасот се раселени. Некои луѓе биле принудени десетпати да менуваат локации, повлекувајќи се од зоните што израелските сили ги прогласуваат за „воени“.