Израел продолжува со плановите за изградба на населбите и покрај противењето на САД

Изградба на околу 3.000 домови за еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег / Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

Израел во средата продолжи со плановите за изградба на околу 3.000 домови за еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег, пркосејќи им на досега најсилните критики на администрацијата на Бајден за ваквите проекти.

Висок палестински функционер рече дека одлуката покажува дека новата израелска влада, предводена од екстремно десничарскиот политичар Нафтали Бенет, е „не помалку екстремна“ од администрацијата на лидерот ветеран што тој го замени, Бенјамин Нетанјаху.

Официјален претставник на израелската одбрана рече дека форумот за планирање на канцеларијата за врски на Израел со Палестинците дал прелиминарно одобрение за плановите за изградба на 1.344 станбени единици и неговото последно зелено светло за проекти за изградба на 1.800 домови.

Ќе зависи од министерот за одбрана Бени Ганц, да даде знак за издавање градежни дозволи, додека се наѕира натамошно несогласување со Вашингтон.

„Оваа влада се обидува да балансира помеѓу нејзините добри односи со администрацијата на Бајден и различните политички ограничувања“, изјави висок израелски функционер за Ројтерс.

Соединетите Држави во вторникот соопштија дека се „длабоко загрижени“ поради плановите на Израел да изгради илјадници населени единици. Тој ги нарече ваквите чекори штетни за изгледите за решение со две држави на израелско-палестинскиот конфликт и рече дека силно се противи на проширувањето на населбите.

Запрашан за случувањата во средата, портпаролот на Стејт департментот рече: „Како што рековме, оваа администрација силно се противи на проширувањето на населбите“.

Вашингтон се откажа од таквите критики кога на функцијата беше републиканскиот претходник на демократскиот претседател Џо Бајден, Доналд Трамп.

Висок претставник на американскиот Стејт департмент рече дека државниот секретар Антони Блинкен разговарал за ова прашање со Ганц во вторникот. Нивниот телефонски повик најпрвин беше објавен од страна на новинската веб-страница Аксиос, која цитираше израелски официјални лица дека станува збор за тензичен разговор во кој главниот американски дипломат го изразил американското противење на планот за населување.

Најновите проекти, како и тендерите објавени во неделата за повеќе од 1.300 домови на доселеници, беа првиот голем тест случај за политиката за населување со администрацијата на Бајден, која ја презеде функцијата во јануари.

„Однесувањето на израелската влада под Бенет не е помалку екстремно од она што беше под Нетанјаху“, изјави за Ројтерс Басам Ал-Салхе, член на Извршниот комитет на Организацијата за ослободување на Палестина.

„Американската администрација има зборови, а нема дела, да ја промени политиката што ја воведе Трамп“, рече Салхе.

Повеќето земји ги сметаат населбите што Израел ги изгради на територијата што ја зазеде во војната на Блискиот Исток во 1967 година како нелегални.

Израел го оспорува тоа и населил околу 440.000 Израелци на Западниот Брег, наведувајќи ги библиските, историските и политичките врски со областа, каде што живеат 3 милиони Палестинци.

Палестинците се обидуваат да создадат држава на Западниот Брег и Газа, со источен Ерусалим како главен град. Израелско-палестинските мировни преговори пропаднаа во 2014 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот