
Израел очекува Хамас да започне со ослободување на четири жени во замена за палестински затвореници
Израелските власти веруваат дека во следните часови Хамас ќе започне со подготовки во Газа за ослободување на четворица израелски заложници во замена за 180 палестински затвореници кои се чуваат во израелските затвори.
Препорачано
Ова е втор пат ваква размена да има откако стапи на сила прекинот на огнот минатиот викенд, пишува Тајмс оф Израел.
Израелската војска (ИДФ) објави дека ги завршила сите подготовки за враќање на четирите заложници – женски војници – Карина Ариев, Даниела Гилбоа, Наама Леви и Лири Албаг, кои беа киднапирани од Хамас за време на нападот на 7 октомври.
Овие војници прво ќе бидат префрлени во воена база во близина на границата, каде што ќе им бидат извршени лекарски прегледи, а потоа ќе бидат пренесени во болница за да се сретнат со нивните семејства по 477 дена заробеништво.
Размената ќе се изврши со помош на Црвениот крст, што ќе го олесни трансферот на ослободените палестински затвореници во Газа, додека некои ќе бидат испратени на Западниот Брег, а други во Газа или дури и Египет, објави Ројтерс.
Во првата размена, која се случи во рамките на овој прекин на огнот, беа ослободени тројца израелски заложници и 90 палестински затвореници.
Се очекува до крајот на овој процес, како што напредува прекинот на огнот, околу 1.900 палестински затвореници ќе бидат ослободени во замена за 33 заложници, додека израелските војници ќе почнат да се повлекуваат од делови на Газа.
Прекинот на огнот, кој беше постигнат по неколкумесечни индиректни преговори предводени од САД, Катар и Египет, се очекува да ги постави темелите за траен крај на војната во Газа, посочува агенцијата.