Изложбите „Сета љубов“ и „Вода/Ѕид“ се поставени во Музејот на современата уметност

Во Музејот на современата уметност во Скопје на 15 и 17 декември беа отворени две големи и значајни изложби, „Сета љубов“ со 11 светски познати уметници и ретроспективната изложба „Вода/Ѕид“ на Јован Шумковски.

Групната изложба „Сета љубов (All the Love)“ содржи дела, уметнички инсталации и видеа од 11 уметници од земјава и од светски признаени автори, кои изложуваат во водечките уметнички центри низ светот, како „Тејт“, „Бобур“, „Гугенхајм“, „Мома Њујорк“. На изложбата се претставени дела од Кети Чукров (Русија), Хедер Дјуи Харборг (САД), Коко Фуско (Куба), Карлос Мота (Колумбија), Ширин Нешат (Иран), Агњешка Полска (Полска), Рена Редл и Владан Јеремиќ (Србија), Нора Турато (Хрватска), како и македонските уметници Велимир Жерновски и Никола Узуновски.

Инсталација „Ловсик“ на Хедер Дјуи Харборг (САД)

Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова, кои за тематскиот фокус на изложбата посочуваат дека „…дискурсот за љубовта, почнувајќи од авангардната и радикална политика од минатиот век, е во центарот на политичките и социјалните промени поттикнати од женските права, правата на ЛГБТ-заедницата, различните начини на борби на граѓанското општество. Оттука изложбата се фокусира на дела кои ја манифестираат нејзината способност да се пробие низ најсилните спротивставувања и радикалните поделби“. Изложбата „Сета љубов“ ги анализира состојбите на единство и солидарност во локалниот и глобалниот капиталистички контекст. Целта на изложбата е низ анализа на конкретни уметнички практики, да ги истражи етиката, естетиката и политиката на љубов како радикализам.

Ретроспективна изложба „Вода/Ѕид“ на Јован Шумковски го прикажува делото на еден од најзначајните и највлијателни македонски уметници, чија што речиси четири децениска уметничка практика ја дефинира постојан истражувачки интерес и смела инвентивност во формирањето и изразувањето на неговата ликовна мисла и поглед на светот и времето што го живееме. Сликар по вокација, Шумковски својот авторски пат го бара во континуираното иновирање на визуелниот јазик, кој опфаќа различни медиуми, какви што се сликарството, скулптурата, инсталацијата, видеото, фотографијата.

Ретроспективна изложба на Јован Шумковски (Фотографија: Станимир Неделковски)

Постојано подготвен да експериментира со најразлични продуцирани и најдени предмети, материјали и техники (дрвени отпадоци, пигменти, песок, метал, делови од отфрлен мебел, епоксидни смоли, полиестер, бетон, секојдневни предмети, фотографии и др.), ликовниот дискурс на Шумковски е во процес на континуиран и извонредно конзистентен развој. Како што често самиот сака да каже, тој никогаш не започнува со реализација на некое дело или проект доколку во него не може да види никулец и перспектива за неколку идни проекти. Куратор на поставката е Зоран Петровски, а проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ. Двете изложби, со почитување на пропишаните протоколи, ќе може да се посетат до 28 февруари 2021 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 61, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот