Изложбата „Зимски салон“ на ДЛУМ ќе биде отворена во Чифте амам

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) под покровителство на Министерството за култура на РС Македонија, а во соработка со Националната галерија го најави отворањето на 19-то издание на „Зимски салон“, што ќе се одржи на 9 февруари (среда) во објектот Чифте амам при Националната галерија, со почеток во 20 часот.

Зимскиот салон на ДЛУМ е врвна ликовна манифестација и единствена од тој вид во нашата земја. Замислен и основан во 1991 година како ликовна посебност со свои правила и критериуми и прифатена во културниот живот со огромен интерeс и голема медиумска поткрепа.

– Денешната физиономија на „Зимски салон“ ги има задржано основните карактеристики: професионалност, строга селекција на учесници, квалитетен каталог и соодветна медиумска покриеност. Почнувајќи од 2003 година, наградата „Гранд-при“ (престој во ателјето на „Citè des Arts“ во Париз) ја овозможува Министерството за култура на РСМ, а од 2006 година ДЛУМ вградува уште еден критериум, а тоа е конкретна тема на „Зимски залон“, со што ги ангажира уметниците на индивидуален творечки чин. Од 2009 година оваа манифестација прераснува во меѓународна – истакнуваат од ДЛУМ.

Годинашниот „Зимски салон“ е 19-ти по ред, селектор е романската професорка од Националниот Универзитет за уметности во Букурешт, Анка Боериу, а зададената тема гласи „Повторно поврзување, обновување, воздигнување, реконструирање“.

На изложбата учествуваат: Коле Манев, Вана Урошевиќ, Кирил Гегоски, Татјана Манева, Никола Пијанманов, Илина Арсова, Филип Фидановски, Шќипе Мехмети, Валентина Илијевска, Жаклина Глигориевска Кочоска, Слободан Живковски, Пандора Апостолоска Саздовска, Златко Бојковски, Христина Зафировска, Стефан Димовски, Ацо Таневски, Мирослав Вељковиќ-Мишо, Јана Луловска, Ангелца Стоиљковиќ, Ивона Велковска, Марина Цветановска Мартиновска, Моника Десоска Каргова, Зуљеха Зубери Али, Бојана Артиновска Трпческа, Драган Верговски Алпи, Душан Георгиевски, Ангел Димовски Чауш, Сашо Саздовски, Слободан Милошески, Ненад Тонкин, Маја Танева, Нела Јанковска, Росица Лазеска, Дијана Томиќ Радевска, Ана Ивановска, Марија Мицова Гацова, Тања Таневска, Јана Манева Чупоска, Страхил Петровски, Мице Јанкуловски, Ирена Паскали и Златко Глигоров.

Од страна на кураторот на изложбата „Зимски салон“ поканети се пет автори – гости од Романија: Марија Петку Чиоибас, Мирела Траистару, Патриција Теодореску, Ралукаларија Деметреску и Река Цсапо Дуп. Изложбата ќе биде отворена до 19 февруари, известија од ДЛУМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот