Изложбата „Земја“ од Бојана А. Трпческа ќе биде претставена во Прилеп

Во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп на 20 мај, во 19.30 часот, ќе биде отворена изложбата „Земја“ од Бојана А. Трпческа и ќе трае до 2 јуни.

– Истражувајќи какво влијание има бојата во просторот, дојдов до древната кинеска практика Фенг шуи, според која, секој од основните елементи има особено влијание и моќ да го лекува протокот на енергија во просторот, во зависност од страната на светот на која е поставен. Верувам дека уметноста може да лекува. Не само авторот кој создава низ процесот, туку и самото дело влијае во просторот, вибрирајќи со одредена фреквенција, делува врз физичкото, менталното и емоционалното тело на човекот – истражила Бојана А. Трпческа.

Според неа, освестувајќи ги сензациите од околината, стануваме присутни во сегашниот миг, свесни и одговорни за себе и за животната средина.

– Земјата е елемент најблизок до мојот сензибилитет и природа, затоа одбрав да се посветам на неа. Сакам да ја изразам мојата благодарност и почит кон мајката од која доаѓа сѐ, и сѐ повторно кон неа се враќа. Таа е симбол на физичка сензација и раст и манифестација на материјата – открива авторката.

Историчарката на уметност Викторија Димеска за изложбата „Земја“ напиша: „Со транспонирањето на функцијата ’мајка‘ врз мотивот земја и изборот на бојата како ликовен елемент, транформирајќи ја во метафора: зелена боја – плодност и изобилство, и кафена боја – темнина и потшората, уметницата Трпческа создава воодушевувачки композиции во коишто се отелотворува женскиот принцип. Дополнително, овие апстрактни пејзажи со еколошки асоцијации претставуваат и боени интервенции кои делуваат на внатрешниот амбиент во просторот“.

– Моите слики не се креација, тие се продолжение на животот, низ мене повторно се раѓаат земјата, оганот, водата, воздухот – посочува Бојана Артиновска Трпческа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот