Изложбата „Земја“ на Бојана Артиновска Трпческа ќе биде поставена во КСП „Центар-Јадро“

Самостојната изложба „Земја“ на уметницата Бојана Артиновска Трпческа на 4 октомври, во 20 часот, ќе биде отворена во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. На отворањето ќе се одржи и поетски перформанс со авторите Тихомир Јанчовски, Елена Пренџова, Марија Г. Вардарска и Горазд Китановски.

Во својот осврт кон изложбата, историчарката на уметност Викторија Димеска истакнува: „Стремежот за автономни својства на обликот и експресивниот сензибилитет на бојата ја откриваат амбициозната творечка тенденција на Бојана Артиновска Трпческа. Следејќи ги законитостите на субјективниот внатрешен творечки порив, односно интуитивната потрага по современи концепти и содржини, авторката создава комбинација од повеќе стилови преплетувајќи ги во различни теми. Динамиката на формата и нејзината промена претставуваат уште еден визуелен впечаток којшто ја мотивира авторката и понатаму храбро да истражува и твори. Создавајќи сопствена естетска поетика, таа гради автентичен и суптилен ликовен јазик.

Трпческа интуитивно и јасно ја согледува важноста и моќноста на карактеристиките на женскиот принцип и притоа, суптилно ја толкува и изразува преку тонски богатата палета на бои и нивната суптилна транзиција. Неуморната борба против вечната објективизација на жената и женското тело ја изразува преку алегориски ликовен јазик. Во сопственото творештво таа ја воспоставува космичката рамнотежа во архетипскиот танц меѓу машкиот и женскиот принцип“, истакнува Димеска.

Бојана Артиновска Трпческа е родена во Велес 1977 година, каде завршува основно и средно образование. Факултет за ликовна уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје завршува во класата на проф. Родољуб Анастасов на отсек сликарство и сценографија. Дипломска работа изложи во Сули ан под наслов „Архитектура на времето“. Од 2000 до 2003 година живее и работи како слободен уметник во САД.

Во 2008 година во Музејот на НОБ во Крушево ја реализирала својата прва самостојна изложба на манифестацијата „10 Дена крушевска Република“ под наслов „Во МЕНЕ“.

Својата втора самостојна изложба ја реализирала во 2011 година во ликовната галерија во Прилеп. Насловена „Гозба“, изложбата е своедвидно ретроспективно видување на нејзината дотогашна работа. Tретата самостојна изложба ја реализрала во 2020 год. во Ниш, Република Србија, а насловена е „Трепет“. Следува „Позадини“, изложба која е реализирана како интерактивен проект во 2021 г. во Прилеп.

Во 2022 година го реализира проектот „Земја“, мултимедијален перформанс, каде се вклучени литератуни творци, кои читаат свои дела на истата тема. Проектот прво беше претставен во Прилеп, а во октомври и во Скопје.

Бојана Артиновска Трпческа живее и работи како самостоен уметник во Прилеп. Во повеќе прилики соработувала како надворешен соработник со НУЦК „Марко Цепенков“ и Театарска работилница за изработка на kостими, сценографија, шминка и рекламен материјал. Паралелно со сликарството и сценската уметност истражува и во полето на фотографијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот