Изложбата „Современа скулптура“ на ДЛУМ е поставена во галеријата „Ко-Ра“
Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) на 31 октомври 2024 година, со почеток во 20 часот, во Галерија „Ко-Ра“ при Дом на култура „Кочо Рацин“ во Скопје, ќе ја отвори изложбата „Современа скулптура“.
Оваа изложба на ДЛУМ е дел од програмските активности и е можност за групно претставување на поновите истражувања и идеи во рамки на современата скулптура. Уметниците истражуваат и експериментираат низ формата и изразот, а нивните креативни авантури се материјализираат преку финалниот облик на идејата.
Со свои дела на изложбата учествуваат авторите Нела Јанковска, Слободан Милошески, Стефан Анчевски, Златко Бојковски, Златко Глигоров, Анѓел Димовски Чауш, Христијан Качаревски, Маја Кировска, Перо Кованцалиев, Доротеј Нешовски, Синиша Новески, Марина Цветановска-Мартиновска, Славчо Павловски, Татјана Ристовска, Ана Димчевска Семенпеева и Гоце Стоилковски.
Секоја година семејството Митриќески доделува награда за најдобра скулптура, којашто ќе биде соопштена на отворањето на изложбата.
Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија. Изложбата ќе биде отворена за посета до 11 ноември оваа година.