Изложбата „Сѐ за портретот“ во галерија „Остен“ открива дека портретот не е само човечки приказ
Во галеријата „Остен“ во Скопје на 4 декември беше отворена изложбата со тематски наслов „Сѐ за портретот“, која е дел од интернационално истражување за моменталната перцепција на уметничките остварувања на тема „портрет“.
Изложбата „Сѐ за портретот“ во сличен состав на уметници беше премиерно претставена на меѓународната публика во Институтот за култура на Романија во Венеција од 15 до 20 ноември 2024 година, а своја завршница ќе има во Музејот на регионот Бузау, во Романија во јануари 2025 година.
Учесници во изложбата се наградени уметници и гости на „Остен Биенале Скопје“, а куратор на изложбата е Корнелија Конеска.
– Оваа изложба е почит на разновидноста и длабочината на портретот како уметничка форма. Имаме привилегија да ги прикажеме делата на извонредна постава уметници, од револуционерните кубистички перспективи на Пабло Пикасо до длабоко концептуалните и перформативните истражувања на Марина Абрамовиќ на својот автопортрет, ја гледаме моќта на портретот да предизвикува, провоцира и инспирира.
Подеднакво ни е чест да ги прикажеме и современите гласови во уметноста, како Анет Лемие, чии дела често ги замаглуваат границите меѓу меморијата и реалноста, на Роберт Глигоров, чии провокативни слики ги поместуваат границите на визуелното раскажување приказни, на видеоделото на Мице Јанкуловски направено во момент на себе-трансформација, на делото на Владимир Паун Врапчиу кое го премостува традиционалниот формат на портретот со модерен сензибилитет, додека Милан Андов и Анка Боериу внесуваат нијансирани текстури и слоеви во нивното прикажување на човековата состојба.
Секој уметник на оваа изложба му пристапува на портретот не само како на човечки приказ, туку како на медиум кој пренесува приказни, предизвикува прашања и расветлува вистини. Заедно, нивните дела формираат вибрантна таписерија, која преку портретот ја доловува бесконечната комплексност на човековата природа – објаснува кураторката Корнелија Конеска.
На изложбата се претставени дела од Пабло Пикасо (Шпанија / Франција – Награда Светско културно наследство 2010), Марина Абрамовиќ (САД – Гран-при за животно остварување 2014), Милан Андов (Македонија – Награда Остен 2018), Анка Боериу (Романија – Награда „Златен остен“ 2024), Патриција Казагранда (Германија – Награда „Златен остен“ 2022), Роберт Глигоров (Македонија / Италија – Уметник на Европа – САВУ 2022), Мице Јанкуловски (Македонија – Награда „Рембрант“ – САВУ 2020), Марко Кусмук (Србија – Награда „Златен остен“ 2022), Анет Лемие (САД – гостин), Петру Лукачи (Романија – гостин), Владимир Паун Врапциу (Романија – Награда Остен 2020 и награда за извонредност во уметноста 2021) и Љубош Плни (Република Чешка – Прва награда за цртеж 2020).
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 259, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-9.12.2024)