Изложбата „Несовршен простор“ на Здружението за култура „Транзен“ е поставена во „ЕУ хаус“ во Струмица

Изложбата „Несовршен простор“ во организација на Здружението за култура „Транзен“ од 15 јуни е поставена во „ЕУ хаус“ во Струмица. Проектот ги истражува различните простори за изложување на ликовните дела, а секоја година просторот на изложбата е различен, во потрага по совршениот простор.

На изложбата здружението „Транзен“ секоја година ја доделува наградата „Владимир Георгиевски“, во чест на великанот на македонската ликовна уметност, професорот Владимир Георгиевски. Наградата оваа година ја доби ликовниот уметник Андреј Митевски за скулптурата „Форма која се раѓа“.

Творештвото на Андреј Митевски е континуирана борба со суровиот и цврст материјал, кој се преобразува во нешто ново, кревко и живо. Скаменетите форми треперат пред мермерот, каменот, травертинот, како во грч, подготвени да се ослободат од нив. Од најцврстото, се раѓа најмекото. Лист, дланка, пердув, бршлен, бесконечна билка… Судирот меѓу мекото и суровото во неговото творештво потсетува на стиховите од Лао Це: „Слабоста е сила, цврстината е слабост“.

Учесници на овогодинешната изложба со тематски наслов „Метаморфози“ се ликовните уметници Андреј Митевски, Тони Попов, Милан Андов, Ване Костуранов, Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Стефан Младеновски, Ѓорги Динев, Љупка Галазка Василев, Марија Мицова Гацова, Владимир Илиевски, Илија Маџаров, Илко Стојановски, Славица Милева, Давид Атанасоски и Верица Арапова.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 85, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18-20 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот