Изложбата „Градот како сцена“ е македонски претставник на Прашко квадриенале 2023

Единаесет уметници од земјава, под кураторство на претходните добитници на „Златна трига“, годинава се македонски претставници на најголемиот светски настан за перформанс, дизајн и простор што се одржува во Прага.
Добитниците на главната награда „Златна трига“ на претходното издание на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор, Филип Јовановски и Ивана Васева, годинава се кураторски тим на изложбата „Градот како сцена“ на Националниот павилјон на Република Северна Македонија на квадриеналето, кое се одржува од 8 до 18 јуни во Прага, Чешка.
Преку делата на уметниците Алембик (Виктор Танасковски и Ива Дамјановски), Бесфорт Идризи, Викторија Илиоска и Анастасија Пандиловска, курирани во заедничката изложба „Градот како сцена“, проектот го користи градот како текст за препрочитување на историските настани преку евоцирање на (тектонските) поместувања, судири и (само)експлоатации во контраст на локалните официјални и неофицијални приказни.
Во Студентскиот павилјон, пак, куриран од Кристина Леловац и Филип Јовановски, учествуваат Мартина Пенева, Димитар Милев, Тамара Џерков, Дениз Ајдаревиќ, Александар Јовановски и Мартина Петреска.
– Претставувањето на РСМ во Прага собра голем тим на учесници/ки и особено сум среќен и благодарен на довербата која тимот ја вложи изминативе шест месеци во овој активен и комплексен процес. Добивањето на главната награда „Златна трига“ на минатото издание во 2019 година беше и сѐ уште е мотив за нас како тим да се обидеме градот како ресурс („капитал“) да го распределиме и споделиме со пошироката уметничка заедница, и тоа преку национален павилјон, и за првпат со студентски павилјон на оваа голема манифестација – истакнува Филип Јовановски, еден од кураторите на националниот павилјон.
Изведувачката и кореографка Викторија Илиоска, осврнувајќи се на четиримесечната подготовка на проектот, посочува дека процесот се одвивал според методологијата „читање згради“ на Јовановски и Васева: „Секој од нас, Анастасија, Бесфорт, Алембик и јас, изработивме лично исчитување на таа методологија и изработивме перформативна инсталација составена од четири дела. Причинува особено задоволство да се работи со група од заедницата и да се стигне до структура која застапува повеќе форми и дисциплини. Во мојот дел фокусот го дадов на есенцијалното, нужното, на ресурсот. На оној што го немаме, но исто така на оној што го имаме, а го експлоатира некој друг“, објаснува Илиоска.
Изложбата „Градот како сцена“ има за цел да учи од градот како ресурс, од трагите на напуштената солидарност и преку ангажман со локалното население да ја преиспита идејата за тоа како транснационалната солидарност може повторно да го обликува градот.
Прашкото квадриенале е основано во 1967 годинава со цел да го донесе на едно место најдоброто од перформансот, сценографијата и театарската архитектура, а годинава го има своето петнаесетто издание.
Македонскиот национален павилјон и студентскиот павилјон ги организира Здружението за уметност и култура „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“, во партнерство со Младинскиот културен центар, Меѓународниот театарски фестивал МОТ, Факултетот за драмски уметности и Архитектонскиот факултет од Скопје. Националниот павилјон се организира со поддршка на Министерството за култура, Факултетот за драмски уметности при УКИМ и проектот „Активен ГРА(Д)/ѓани“, финансиран од Европската унија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 182, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.6.2023)