Изложбата „Гозби за живите, претците, боговите и светците“ е поставена во Музејот на РСМ

Музејот на Република Северна Македонија го одбележува Меѓународниот ден на музеите – 18 Мај со поставување на изложбата „Гозби за живите, претците, боговите и светците“. Изложбата е отворена од пладне на 18 мај, а влезот за посета на музејските поставки ќе биде слободен до недела, 22 мај 2022 година.

– Гозбите претставуваат посебни оброци по својата природа, како и по количината на храната којашто се дели меѓу поширок круг на луѓе. Тие се повод не само за јадење и разговор, туку и за музички изведби, свечени говори, молитви и жртви, политички мотивирани собири и трговии. Гозбите се сеприсутни низ човековата историја, но археологијата не може јасно да ги дефинира. Оттаму, сознанијата за нив ги бараме во етнографските записи, особено за темите, како што се ритуалот, церемонијалната размена и жртвувањето – посочија од музејот.

Преку денешните ритуали и прослави забележани во нашата традиција, ја добиваме целосната слика која зборува за многу традиции кои водат потекло длабоко во минатото.

– Оваа изложба е еден семиотички пристап каде преку јадењето и пиењето како особено моќни медиуми, се опфаќа човековиот живот, неговото битисување во општеството, верувањата и обичаите. Изложбата обработува четири теми, преку кои се раскажува приказната за гозбите. Преку прослави кои се врзани за секојдневниот живот на луѓето и ги одбележуваат нивните важни моменти, свадби и крштевки, но и поводи за подготвување на заеднички гозби, како принесување крвни жртви, курбани, погреби и помени. Со тоа се затвора дел од циклусот на животот на човекот. Овој наратив се следи преку повеќе медиуми, како музејски предмети, уметнички и документарни фотографии и документарни филмови – известија од музејот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот