Изложбата „Голем формат“ на ДЛУМ ќе биде поставена во Дом на АРМ
Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од оваа година во својата Годишна програма вметнува нововостановена изложба насловена „Голем формат“. Изложбата ќе биде отворена на 5 октомври во Дом на АРМ во Скопје, со почеток во 20 часот, и ќе трае до 25 октомври 2022 година.
– Важноста на едно дело не ја сочинува единствено важноста на големината и на димензијата, но можноста за изразување во големи формати нуди различен уметнички пристап, уметникот ја бара свежината на идејата и секако внимателно треба да се посвети на реализацијата – посочуваат од ДЛУМ.
На првото издание на „Голем формат“ селектирани се 25 уметници и нивниот различен пристап кон техниките сликарство, скулптура, цртеж, колаж, експериментални техники и скромно учество на графиката. Повикот дозволуваше да се претстават и нови техники и медиуми, уметнички инсталации и излегување во просторни композиции.
На изложбата учествуваат Ана Ивановска, Ана Трајковска, Ангелца Стоиљковиќ, Ацо Таневски, Давор Ќешќец, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Зулејха Али, Ивона Велковска, Ирена Паскали, Јасмина Новковска, Љубица Мешкова Солак, Марија Светиева, Мирослава Трујкановиќ, Мице Јанкуловски, Нела Јанковска, Никола Пијанманов, Перо Кованцалиев, Слободан Живковски, Стефан Димовски, Стефан Младеновски, Стефан Хаџи Николов, Тања Таневска, Татјана Манева и Урош Вељковиќ.
Наградата за најдобро дело во голем формат Друштвото на ликовни уметници на Македонија ќе му ја додели на авторот Слободан Живковски за делото со наслов „Демократски тоталитаризам“.
Изложбата ќе ја отворат Јана Манева Чупоска, претседател на ДЛУМ, и Дијана Томиќ Радевска, претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ.