Изложбата „Циклус 19 II“ на Христина Зафировска ќе биде претставена во Кичево
Во Културниот центар „Кочо Рацин“ во Кичево, на 13 јуни, во 18 часот, ќе се отвори ликовната изложба насловена „Циклус 19 II“ на академската уметница Христина Зафировска, која е дел од програмата за обележување на патрониот празник на центарот. Проектот е поддржан од Министерството за култура.
Христина Зафировска, преку своите дела, на апстрактен и сликовит начин го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од ковид-пандемијата. Серијалот го интерпретира биолошкиот процес од една страна, кружниот строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и пренесување, а од друга страна, преку визуелно прикажаниот регенеративен процес, делата ја претставуваат „последицата“ и процесот на физичко и ментално обновување настанато поради периодот на принудната изолација.
Во делата комбинира повеќе начини на изразност – објекти со поп-артистички колористички изведби, плошни решенија, каде што дводимензионалноста на геометриските форми и поединечните секвенци стануваат целини.
Зафировска реализирала повеќе индивидуални проекти, во кои се обработуваат теми како што се: зачеток на создавањето, меѓучовечки односи, подобрување на правата и третманот на жените во општеството и принудната изолација. Проектите се презентирани во Германија, Франција, Бугарија, Турција, Њујорк и во повеќето градови во земјава.