Изложба „Земја“ на Бојана Артиновска Трпческа: Баланс помеѓу човекот и просторот

Деновиве публиката во Прилеп има можност во живо да ги почувствува делата на Бојана Артиновска Трпческа преку нејзината изложба „Земја“, чија цел е подигнување на свеста за екологијата.

Најновото претставување на академската сликарка Бојана Артиновска Трпческа пред македонската публика е наречено „Земја“. Изложбата е отворена во ликовниот салон на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп од 20 мај до 2 јуни, а од 4 до 13 октомври делата ќе бидат претставени и во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје.

По самостојните изложби „Во мене“, „Гозба“ и „Трепет“, доаѓа „Земја“. Циклусот опфаќа околу 28 дела, акрилик на платно, масло на платно, цртежи со боја, во различни димензии. Изложбата е замислена како мултимедијален проект, каде што поканетите гости ќе можат да ги прочитаат своите творби на тема „Земја“.

– Идејата за овој проект произлезе по поставката на изложбата „Позадини“, реализирана во 2021 година во Прилеп, каде што поставив големи платна, секое инспирирано од основните елементи – објаснува Трпческа за „Културен печат“.

Оттаму и впечатокот дека како уметник е фасцинирана од земјата како елемент, но истовремено е фокусирана на Земјата како дом на сите нејзини жители.

– Решив да се посветам на елементите, првпат поставувајќи си предизвик на една ваква општа тема. Првиот елемент кој го одбрав е земјата, бидејќи ми е блиска и сфатив дека како елемент е сеприсутна. Научив многу низ овој процес, делата се своевиден скок во мојот ликовен израз – потенцира Трпческа, додавајќи дека почнала да го претставува чувството што го има од одредена перцепција, оставајќи нејзините основни вредности да проникнат низ неа, без да ја бара логиката од реалноста.

– Не знам дали реалноста е изгубена, бидејќи јас сѐ уште тргнувам од природата како главен мотив, но низ самиот процес полека се ослободувам од очекувањата, останувајќи присутна во сегашниот миг – вели таа, и додава:

– Поистоветувајќи се со земјата како елемент, сфатив колку е важна нејзината улога во животот воопшто. Ние сме дел од неа и таа е дел од нас. Се надевам дека свесноста за одржување на еколошки баланс ќе почне да се буди, токму преку промена на начинот на кој го перципираме опкружувањето. Откривајќи ја природата преку нејзините основни елементи, стануваме одговорни за неа, за животот околу нас и во нас, вели Трпческа, и нагласува: „Примената на уметноста во секојдневието е важна нишка во формирањето на еден баланс помеѓу човекот и просторот. Ја користам секоја шанса да го направам тоа“.

Уметноста е мојот начин да кажам која сум, зошто сум тука, начин да му вратам на животот за сѐ што ми дал

Трпческа дипломира на Факултетот за ликовна уметност при УКИМ на отсек сликарство и сценографија. Оттаму, се чини и дека во нејзиниот уметнички и духовен фокус, освен неизмерната љубов кон сликарството, се наѕираат и други интереси.

– Како надворешен соработник работам веќе 15 години во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Мислам дека театарот е една совршена спојка на сите уметности, и се пронаоѓам во визуелниот дел во секоја од нив, сцена, костим, шминка… Последно го работев дизајнот на плакатот за претставата „Дупло дно“, во режија на Наташа Поплавска. Љубовта кон фотографијата ме донесе до позадинските сликани подлошки од кои произлезе интересот за елементите – објаснува Трпческа и заклучува: „Уметноста е мојот начин да кажам која сум, зошто сум тука, начин да му вратам на животот за сѐ што ми дал“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 130, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот