Изложба во Струмица: Автопортретот како врвен дострел на себеспознанието

Здружението за култура „Транзен“ на 22 јули во клубот „Нагоре“ во Струмица ја отвори третата изложба „Несовршен простор“, која годинава ја организираше на тема „Автопортрет во самоизолација“ со учество на 16 автори.

Организацијата на третата изложба „Несовршен простор“ на Здружението за култура „Транзен“ се погоди во време на пандемија на коронавирус и со изолација на населението со долги полициски часови. За првпат уметниците во овој век беа соочени со буквално и присилно изолирање во сопствените домови и ателјеа.

– Одлучивме изложбата оваа година да биде посветена на себеперцепцијата или автопортретот. Нема ништо поскладно за времињата во кои живееме од изложба со автопортрети настанати во самоизолација. Ликовната тема автопортрет, себеистражување, себеоткривање, себенабљудување и созерцание не е она кое денеска го познаваме како феноменот „селфи“ (selfie), техника на брза и по кратка постапка презентација на површното „Јас“ или себеси пред публиката. Затоа што, ако нема каде да биде веднаш прикажано, „селфи“ нема ни да постои, тоа е органски врзано повеќе за гледачите отколку за субјектот.

Но, историјата на уметноста го памети автопортретот како врвен дострел на себеспознанието, кога уметникот преку себе ќе ја опише целата епоха, преку најличното – општото. Тоа е едно друго, длабоко „Јас“. Јас кое продира во најдлабоките предели на неистражената човечка душа. Најголемите сликари низ времињата го изразија својот став, крик, повик, пророштво и сведоштво преку автопортрет. Автопортретот како дисциплина го покажува, пред сѐ, внатрешниот свет на уметникот. Тој е интимен дневник на сликарот, сведоштво на себеси пред сегашноста, иднината, но и на вечноста – образложија од „Транзен“.

Откупната награда „Златен лист“ ја доби уметникот Владимир Илиевски од Скопје за делото „Автопортрет со був“

Со свој ликовен одговор на темата „Автопортрет во самоизолација“ на изложбата учествуваат сликарите Владимир Илиевски, Гоце Илиевски, Верица Арапова, Никола Пијанманов, Тони Попов, Славица Милева, Ване Костуранов, Ниче Василев, Геновева Качуркова, Љупка Галазка Василев, Ѓорги Динев, Стефан Младеновски, Ивана Настески, Ѓорге Јовановиќ, Вангел Срнаков и Илија Маџаров. Сите учесници се претставија со свои автопортрети.

На отворањето на изложбата беше доделена наградата „Златен лист“, во чест на професорот и мајстор на ликовната уметност Владимир Георгиевски, и парична (откупна) награда во износ од 30.000 денари, на уметникот Владимир Илиевски од Скопје за делото „Автопортрет со був“. Изложбата е отворена во клубот „Нагоре“ во Струмица и ќе трае еден месец.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 41, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25-26 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот