Изложба „Париски сигнатури 2“: Магичниот шарм на Париз
Париската сцена, како носител на авангардните идеи во уметноста, сите уметници ја чувствуваат и како своја сцена и како своја слобода на изразување. Магичниот шарм на Париз, со различни нијанси, го носи изложбата „Париски сигнатури 2“, која ги обединува делата на седум македонски уметници што престојувале во ателјето „Сит дес Артс“.
Претставените уметници ја почувствувале париската слободоумност и елеганција, уживале во неговата дрскост и бунтовност и се воспитувале низ другоста што Париз ја нуди.
Делата од уметниците Тања Балаќ, Атанас Ботев, Шќипе Мехмети, Наташа Милованчев, Кристијан Санев, Марија Светиева и Маријета Сидовски, со емотивните сигнатури, визуелни белешки и знаковни записи, се поставени во галеријата „Акантус“ од март годинава, но поради ситуацијата со коронавирусот галеријата беше затворена, а изложбата остана внатре.
Покрај онлајн презентацијата ќе биде дадена можност делата да се видат и во живо, доколку за тоа се создадат услови до средината на мај.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 28, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25-26 април 2020)