Изложба на уметникот Славчо Спировски е отворена во македонскиот КИЦ во Загреб

Славчо Спировски и Наталија Поповска / Фотографија: „КултурОп“

Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб на 29 ноември беше отворена самостојната изложба „Аголност на илузијата на пакетирањето“ на скулпторот Славчо Спировски, информира Здружението за култура и уметност „КултурОп“.

Директорката на македонскиот КИЦ – Загреб, Наталија Поповска, истакнала дека ѝ е особено драго што токму концептуалната уметност на Спировски го заокружува годинашниот циклус изложби што во хрватската престолнина ја претставуваат македонската уметност со помош од Министерството за култура.

Во промотивната реч по повод отворањето на изложбата (што ја прочита новинарот на Македонското радио, Тони Цифровски), кустосот на нашата Национална галерија Горанчо Ѓоргиевски, меѓу другото, подвлекува:

„Творештвото на Славчо Спировски е постојано истражување и експериментирање на полето на скулптурата, амбиентот и мултимедијалноста кои се темелат на сопствената и светската традиција и личната историја. Креирајќи нови визуелни изразни можности го гради неговиот индивидуален ракопис и автентична ликовна философија. Неговата уметност е уметност на мислите, еден вид електроенцефелограм преточен во креативна енергија. Деликатниот избор на материјали и неконвенционалната конципираност во реализацијата на делото воспоставува активен естетски однос кон просторот како основа во реализацијата на делото.

Делата на Спировски се ослободени од своите физички граници и говорат, пред сè, за состојба во која реалноста се преобликува во нова онтолошка метареалност. Деконструирајќи го материјалното и повторно градејќи го во нов визуелен облик, тој постигнува ефект на преобразба на реалноста и се сосредоточува на нејзиното внатрешно доживување, трансформирање и трансцендентирање. Во таа хармонија творбата станува метафизички меѓупростор на визуелно конципирање на мислата во просторот“, подвлекува Ѓоргиевски.

Изложбата е поддржана од Министерство за култура и Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб.

Скулпторот Славчо Спировски е роден е на 01.02.1975 година во Скопје, Македонија. Дипломира 2006 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на педагошкиот оддел, отсек вајарство во класата на професор Станко Павлески, како студент на генерацијата 1998 – 2002 година.

Освен во земјава (Скопје, Охрид, Гевгелија, Прилеп, Кичево,…), самостојно излага и во Берлин Њујорк, Софија, Загреб. Учествува на голем број групни изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Косово, Хрватска, Либан, Италија. Добитник е на Пофалница на Меѓународната изложба „Бели ноќи“ – „МајданАрт 2020“, Мајданпек, Србија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот