Излезе книгата со кратки раскази „Ах, колку убав ден“ од Трајче Кацаров

Неодамна од печат излезе книгата „Ах, колку убав ден“ од Трајче Кацаров во издание на издавачката куќа „Матица“. Содржината на книгата ја чинат педесетина куси раскази, а во истиот стил, во форма на кус есеј, самиот автор ја претстави својата нова книга.

– Чехов рекол, ако сакаш да напишеш расказ, тогаш патувај со воз, ама во купе од втора класа. Тешко ми е да се сетам кога последен пат сум патувал со воз. Сѐ помалку патувам и со автобус. Во берберници, како Молиер, не седам.

Оттука се наметнува прашањето, каде и како, во денешно време, да се собере семе за литерарнa сеидба? Борхес, Андриќ, па, илјадници други, покажуваат кон библиотеките. За нив, во книгите е изворот на свежите води. Несомнено е дека секоја насока подадена од авторитети е вистинската насока.

Тргнав со чекор здрав и поглед прав. Иако некои ми велеа да тргнам право лево, па, право десно, јас останав да чекорам право право. И стигнав до исход што за мене значеше почеток. Она што беше невидливо за другите стануваше видливо за мене. Стварноста ми се нудеше без позајмени атрибути. Сфатив дека можам да правам, пишувајќи, кроки портрети на ликови од сите слоеви на социјалниот живот. Иако обемот и формата на главите, носовите, очите и телото, даваат читливи сигнали за карактерните црти, јас сакам да нуркам во длабочините на душата.

Вајлд рекол дека само остроумните луѓе можат да бидат духовити. Не сакам да претерувам, па да кажам дека сум духовит но, не на поинаков начин, со не мала доза на хумор, сарказам, иронија, ги полнам настаните и ги исцртувам актантите во нив.

Кратките форми се најблиску до совршенството, рекол Борхес, сигурно откако добро се накркал од Чеховите раскази. Во сите мои писанија се трудам, и мислам дека успеав, да останам кус, краток. Краток во писанијата, не во погледот. Него го пуштам и зад ридот, затоа и страдам од политичките партии кои бараат погледот да ти допира до нивните ставови – партиски определби што носат цврсти пораки – биди сведок на кражба, ама да си молчиш.

Така ги напишав расказите коишто ги објавив во мојата прва прозна книга „Цартаровата чичитра“, така ги напишав и објавив расказите и во другите мои книги: „Дневникот на Омир“, романот во раскази „Татко и отец“. Романите „Јад“, „Зарем тоа сте вие, господине Памук?“, „Како станав Амадеус“, „Како го убив Мандрак“, не се подолги од 150 страници.

Кратки се и моите драмски текстови. Таков пример е најпоставуваната моја пиеса „На клупата“, има само 36 страници. Не подолги се романите за деца „Не паркирај гаража“ и „Мечето Мери Ум“ – објаснува Кацаров зошто неговата нова книга содржи куси раскази.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 139, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30 јули – 2 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот