Излезе книгата „Филмотопија“ на филмскиот критичар Игор Анѓелков

Книгата со филмска есеистика „Филмотопија“ од Игор Анѓелков излезе од печат на 16 април. Книгата ја заокружува трилогијата составена и од делата „Филм.мкд“ (2015), за кое Анѓелков ја доби државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“, и „Филмски град“ (2018), сите во издание на „Или-или“.

Авторот продолжува ревносно да ја следи филмската продукција кај нас и во светот, и низ рецензентски и есеистички осврти на публиката навремено ѝ нуди увид во случувањата во филмската уметност.

Низ неколку поглавја, во книгата се покриени филмовите од новата македонска продукција, новото европско кино, светската продукција, тука се и секогаш интересните фестивалски случувања кои авторот ги покрива со присуство и искуство на самото место, а во последното поглавје авторот остава простор за класикот Алфред Хичкок.

Со оваа книга Анѓелков пополнува еден празен простор во македонското издаваштво, издавајќи книги посветени на филмот, изданија кои, за жал, во годините наназад, можат да се набројат на прсти.

Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Со медиско третирање на филмската уметност активно се занимава од 90-тите години на минатиот век преку рецензии во различни дневни, неделни и месечни весници, потоа, како автор на филмската радиоемисија „Redrum“ на „Канал 103“, а веројатно беше најпрепознатлив по филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ Телма, кој во етерот се емитуваше од 2003 до 2014 година.

Бил член на жиријата на неколку домашни фестивали, а од 2019 година започнува и неговата активност како член на најстарото здружение на филмски критичари во светот, ФИПРЕСЦИ, со учество и на меѓународни фестивали. Во последниве години е селектор на филмовите во официјалната програма на Филмскиот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“.

Анѓелков е автор и на прозните книги, збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 125, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот