Излегувањето на улица не нуди излез од ќорсокакот

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека е можно наскоро да излезе на улица и да организира протести, демонстрации, да блокира институции… Како причина за таквото сценарио, Мицкоски ја наведе бавната разрешница на случајот „Рекет“, но и наводната вмешаност на специјалната обвинителка Катица Јанева и на други функционери од власта во криминалот.
Дали реализацијата на тој план треба значи чекор кон излез на земјата од политичката криза или навестува „нова“, уште подлабока?

Владејачката СДСМ обвини дека првиот човек на опозицијата планира повторување на „крвавиот четврток“, но и дека посакува по секоја цена да ја загрози интеграцијата на земјава во ЕУ и во НАТО.

Според домашните политички аналитичари, опозицијата во моментов нема моќ да манифестира незадоволство кај граѓаните и тврдат дека повикот на Мицкоски за рушење на актуелната власт дефинитивно ќе доживее фијаско. Сепак, тврдат експертите, Мицкоски би можел да добие силен ветер во грбот доколку Македонија уште еднаш извиси, односно не ѝ биде доделен датумот за преговори со ЕУ во октомври.

Момент на слабост

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ во моментов нема ни моќ ни капацитет за да направи нешто конкретно, и затоа партијата на Христијан Мицкоски ќе ја почека завршницата на случајот „Рекет“, како и евентуалното недобивање датум за преговори со ЕУ во октомври.

Како што објаснува Пекевски, опозицијата ќе го чека првиот момент на слабост кај власта за да ги исполни улиците со свои членови.

– Од завршницата на „Рекет“ зависат идните чекори на Мицкоски, но во голема мера ќе влијае и евентуалното недобивање датум во октомври. Според најавите што наскоро ќе ги добие Мицкоски, доколку почувствува дека нема да има датум, тогаш тој нема да бира начини како да ја турне власта. Сметам дека народот овојпат нема да излезе на улица, бидејќи тој веќе еднаш се изгоре со Шарената револуција, но верувам дека опозицијата ќе се обиде да нападне само со своето членство. Под команда на Мицкоски можеби ќе излезат околу 30.000 луѓе на протест, а објективно гледано, тоа претставува силен бран што може да сруши власт – објаснува Пекевски.

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски вели дека по обелоденувањето на аферата „Рекет“, опозициската ВМРО-ДПМНЕ потполно потфрлила во своето делување и нејзините настапи биле многу млаки и безидејни. Тој не очекува дека е можно нешто сериозно да се случи дури и доколку партијата го повика народот да излезе на улица за да протестира.

– Онака како што се одвиваат работите во државата, не верувам дека може нешто спектакуларно да се случи за да западнеме во уште поголема политичка криза. Повеќе од јасно е дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ задоцни со своето дејствување, па сметам дека таа во моментов нема ни сила да го манифестира незадоволството на граѓаните од сето ова што се случува – вели Кекеновски.

Албанците ќе делуваат самостојно

Во врска со протестите, од Алијансата за Албанците велат дека партијата ќе донесе одлука на автономен начин без влијание од другите политички субјекти. Оттаму посочуваат дека влијание ќе имаат само граѓаните, активистите и невладините организации.

– За секоја одлука, дури и за излегување протести, нашата партија ќе одлучи автономно и без влијание од другите политички субјекти. Влијание можат да имаат само нашите активисти и Албанците воопшто, но и активисти и независни невладини организации што сакаат оваа власт да си замине што поскоро.

Протестиравме заедно со други албански опозициски партии и ќе протестираме повторно во интерес на измените – вели Фљакрон Беџети, портпарол на партијата.

И од Беса се оградуваат од учеството на заеднички протест со ВМРО-ДПМНЕ, но не ја исклучуваат можноста за организирање сеалбански протести, со цел да го изразат незадоволството од последните случувања.

– Вие знаете дека во 2016 година кога се одржаа шарените протести и кога сите беа фокусирани на тие случувања, нашата партија успеа да организира сеалбански протест преку кој силно го крена гласот против неправдите што им беа нанесени на Албанците. Тоа можеме да го направиме и сега – велат од Беса.

Од партијата Алтернатива на Африм Гаши, пак, велат дека како партија не сакаат да ги коментираат постапките на другите партии, туку дека се на ставот дека скандалот со „Рекет“ треба што поскоро да добие судски епилог за да се врати надежта кај граѓаните.

– Многу е важна пораката што ја пренесуваме дека по секоја цена инсистираме случајот „Рекет“ да има брза разрешница и на тој начин да им се врати надежта на граѓаните дека земјава навистина се движи по вистинскиот пат – велат од Алтернатива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот