Изгледаат идиотски, но протести мора да има

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Можеби мене не ми се допаѓа да стојам заглавен на улица, можеби и не мислам дека преговарачкиот процес помеѓу Скопје и Софија е нетранспарентен, може да претпоставиме и дека сето тоа не ме интересира, но затоа ми е многу битно опозицијата да има право на протест и тоа никој, во ниту една ситуација, не може да ѝ го оспори.

Не се сеќавам кога претходно скопјани делувале понервозно, како во последните неколку дена, откако заглавени во колони се обидуваат да стигнат дома. Пцовки, свирежи, закани… се дел од драмата, која ја живеат граѓаните на главниот град на Македонија. Инаку, Скопје во поголемиот дел од денот е здодевно место, со полупразни улици и пополнети кафулиња. Не велам дека булеварите се празни, напротив, но намерникот има шанса да стигне до посакуваната дестинација во разумен рок, доколку го избегне утринскиот бран.

Но, таму некаде помеѓу 16 и 17 часот, кога припадниците на „славната“ државна администрација ги напуштаат работните места, ситуацијата станува вжештена. Редици од автомобили пред „Рамстор“, на „Рекорд“, на подвозникот под стоковната куќа „Мост“, кај „Веро“ во Тафталиџе, „Партизанска“, „Илинденска“ итн. „Научи да возиш говедо едно“, „Ако ти излезам ќе ти го набутам свиречето во…“ се дел од богатиот репертоар пораки, што сограѓаните си ги испраќаат секојдневно и тоа во точно определениот временски интервал.

Но, сообраќајниот може да стане уште посеништен, доколку во истиот период се одржуваат протести. Како деветте круга на Дантевиот „Пекол“ напрасно да добиле своевидно „надградување и проширување“, па ги има 12 на број. Круговите нараснуваат на 15, доколку протестите се организираат на клучните сообраќајници во градот, па граѓаните имаат опција да стојат во место и да се молат да не им зовријат ладилниците во автомобилите, од „лазење“ во прва брзина. Токму тоа му се случува на Скопје во последните три дена, откако активистите на ВМРО-ДПМНЕ решија да протестираат на начин со кој буквално ги полудуваат граѓаните.

Раководството на најголемата опозициска партија се реши да ги извади своите членови на улица, поради незадоволство од нетранспарентноста на преговарачкиот процес што во моментов се води помеѓу властите во Македонија и во Бугарија. Според ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од премиерот Зоран Заев преговара за националниот идентитет и јазикот, што е неприфатливо за партијата.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи зачестија поплаките од изнервираните граѓани, кои не можат доволно бргу да си дојдат дома, по напорниот работен ден. Во исто време, „загрижени“ аналитичари, исто така по социјални мрежи, обидувајќи се да го канализираат незадоволството на работниот народ, почнаа да предлагаат некакви законски измени со кои би се ограничило правото на протест, како и изрекување парични казни за демонстрантите кои ќе блокираат сообраќајница.

Бидејќи во Македонија историјата е вечна, а меморијата кратка, би сакал да потсетам дека пред нешто повеќе од четири години, добар дел од министрите и пратениците на владејачкото мнозинство, заедно со нас обичните граѓани, секојдневно го блокиравме центарот на Скопје, во обидот да го собориме дотогашниот режим. Точно е дека тоа најчесто го правевме по 18 часот, за да не се нервираат граѓаните за време на сообраќајниот шпиц, но тоа е работа на политички „вкус“ или, ако сакате, разлика во менталитет. Сепак, тогашниот начин на демонстрирање незадоволство не се разликуваше премногу од атмосферата со актуелните протести.

Правото на протест е неповредливо и тоа не смее да трпи никакви ограничувања. Можеби мене не ми се допаѓа да стојам заглавен на улица, можеби и не мислам дека преговарачкиот процес помеѓу Скопје и Софија е нетранспарентен, може да претпоставиме и дека сето тоа не ме интересира, но затоа ми е многу битно опозицијата да има право на протест и тоа никој, во ниту една ситуација, не може да ѝ го оспори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот