ИЗГАСНАТ пожарот кај Велес – 50 ГОДИНИ потребни за да се обнови изгорената шума кај езерото Младост

Фото: МИА

Доцна синоќа, околу 22:30 часот изгаснат големиот шумски пожар над велешкото езеро „Младост”, во кој по 11 часа дивеење на огнената стихија од која постоеше опасност да се зафатат и околните населби, изгоре површина од 400 хектари од кои половината со борова шума и 200 хектари под сува трева.

Според информацијата од Територијалната противпожарна единица Велес, во пожарот изгорела една свињарска фарма и една викендичка. Огнот се приближил до населбата Отовица кај велешкото езеро „Младост” но биле ископани ровови и поставена земја со што било спречено огнената стихија да се прошири кон куќите.

Во гаснење на огнот кој пламнал околу 11:40 минути од правец на Скопје, а кој брзо се префрлил кон велешкото езеро „Младост” и ја зафати боровата шума, освен ТППЕ од Велес се вклучиле и пожарникари од Неготино, Свети Николе, Штип, Кавадарци и Скопје, припадници на АРМ, вработени во ЈП „Македонски шуми” и ЈКП „Дервен”, а од воздух се гаснеше со два авиони на ДЗС и еден  хеликоптер на АРМ. Поради сериозноста од ширење на пожарот бил вклучен и противпожарниот воз на ЈП „Македонски железници” кој наизменично гаснел на двете страни од пругата. Од Јавното претпријатие информираат дека поради пожарот не сообраќал возот Велес-Кочани, а нема да сообраќа ни утринскиот бидејќи изгорени се и стотина прага од железничката пруга на оваа делница

Материјалната штета е голема, но голема е и штетата по животната средина. Околина на велешкото езеро „Младост” е омилено рекреативно место на велешани и многубројни домашни и странски туристи. Експертите посочуваат дека последиците се големи и ќе треба да поминат многу години за боровата  шума која пред 50 години доброволно ја засадија велешани  повторно да се ревитализира.

Полицијата синоќа приведе четворица лица кои работеле со електричен алат под сомнение дека го предизвикале пожарот од искри на сува трева, кој брзо се прошири и зафати голема површина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот