Изгаснат е пожарот на депонијата Русино

Пожарникари / Фото: Архива

Состојбата по избувнувањето на пожар на регионалната депонија Русино, близу Гостивар од утрово е стабилна. Локалните власти велат дека огнот е изгаснат, но непријатна миризба сé уште се чувствува на повеќе места низ градот. Пожарот на депонијата се појави во саботата наутро и предизвика реакции на граѓаните кои се жалеа на чадот и лошата миризба и стравуваа од еколошка катастрофа. Речиси 24 часа по реакциите на надлежните служби, огнот беше локализиран и ставен под контрола, но заради временските услови постои ризик од повторно палење на отпадот.

– Пожарот од вчера е изгаснат со ангажманот на повеќе приватни фирми и наши екипи. Состојбата засега е стабилизирана, но од одредени жаришта се појавува чад. Наши екипи се на самото место со неколку машини кои би реагирале веднаш, заради ризикот од повторна појава на пожар, топлото време и временските услови кои владеат таму и ќе останат, велат од ЈП Комуналец.

За справување со пожарот Дирекцијата за заштита и спасување ангажираше градежни машини како поддршка на ТППЕ Гостивар и Комуналното претпријатие на Гостивар. Екипа од подрачното одделение на ДСЗ Дирекцијата за заштита и спасување кои се вклучија во справувањето со огнената стихија и денес се на самото место и следат состојбата.

Гостиварските еколози, пожарот го оценија како огромна еколошка катастрофа по животната средина и здравјето на луѓето.

– Односот на одговорните е неприфатлив, бидејќи никој не излезе со официјален став и препораки да им каже на граѓаните што да прават и како да се заштитат од штетните гасови на кои беа изложени, наведуваат од здружението „Гв Еко” и побараа конечно да се уреди оваа депонија и да се спречи загадувањето на околината.

Причините за појавата на пожар на регионалната депонија Русино не се познати, но се претпоставува дека дошло до самозапалување предизвикано од топлото време. Брзата реакција на пожарникарите во саботата наутро беше попречена заради изведувањето на градежни работи и реконструкција на патот што води до депонијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот