Издавачки центар „Три“: Промовирана книгата „По дождот“ од Раде Шербеџија

Промоцијата имаше официјален дел, кога низ разговор со македонскиот истакнат писател и колумнист Венко Андоновски, актерот Раде Шербеџија зборуваше за своите филмски и писателски искушенија, и забавен дел во кој Шербеџија отсвири и изрецитира неколку свои омилени песни.

Авторската книга „По дождот“ на филмскиот, телевизиски и театарски актер и боем во душата Раде Шербеџија беше промовирана на 26 февруари во „МКЦ – клуб и ресторан“. Книгата „По дождот“, како издание на „Три“, излезе од печат во 2018 година, но збиениот распоред на Шербеџија досега не овозможи промоција на делото во Македонија.

Главната тема што се провлекува како нишка низ испреплетените парчиња текст е чувството на вечен егзил, патување во кое не постојат други граници освен реалните. Тие често како тегобност создаваат немир за кој мора да се пишува. За да се ослободи мислата, минатото, да се вкрстат патеките, да се заспие покрај морето или океанот. Да се одглуми најтешката улога – помирувањето со себеси, како странец во друга земја.

Венко Андоновски и Раде Шербеџија (Фотографија: Издавачки центар „Три“)

Голем дел од животот на Шербеџија може да се подели на време пред филмот „Пред дождот“ и потоа, односно „По дождот“. Поради војната морал да се отсели од својата земја и да стане еден од најпознатите бегалци од подрачјето на некогашна Југославија. А потоа судбината го помилувала. Милчо Манчевски му ја даде главната улога во „Пред дождот“ како Александар од Македонија, која го направи познат филмски лик во целиот свет. Токму затоа кон Македонија и кон луѓето што живеат тука Шербеџија има некое посебно чувство.

– Тоа е љубов на прв поглед. Многу ми се допаѓаат луѓе што се толку емотивни и мили. Воопшто не е куртоазија ако кажам дека кај вас се чувствувам како да сум дома. И можат да ја наречат како сакаат, но таа секогаш ќе биде држава на „нашите Македонци“, кои се толку препознатливи по својот јазик, по своите најубави песни, по својата благост и по својата историја, која не секогаш била блага кон нив – вели Раде Шербеџија.

Актер, писател и боем во душата – Раде Шербеџија (Фотографија: Издавачки центар „Три“)

Како култна икона на југословенскиот простор, овој заводлив и контроверзен актер и раскажувач ја создава својата книга на животот, со леснотија опишувајќи ја најтивката и најгласна борба на вечното патување, на чувството дека животот се прелева низ границите за кои не постојат пасоши.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 20, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 29 февруари – 1 март 2020 година)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот