Избран изведувачот: Салата „Партизан“ за две години ќе им се врати подновена на карпошани

Спортска сала Партизан
Спортска сала Партизан/ Фото: Архива

Избраната фирма „Спектартермо“ од Скопје, која ги исполнила критериумите од објавениот оглас, има обврска да подготви план за реализација и откако ќе ги заврши сите подготовки, да започне со работа, па во рок од 20 месеци Карпош и Скопје да ја добијат повторно во функција култната спортска сала.

„Спектартермо“ ДОО Скопје е градежната компанија што ќе ја обнови спортската сала „Партизан“ во Карпош 4. Агенцијата за млади и спорт, по објавениот оглас со кој бараше изведувач на работите, деновиве склучи договор со оваа фирма, која беше една од трите која со своја понуда се јави на огласот.

Еден од основните критериум за доделување на договорот беше најниската понудена цена, која е нешто пониска од проценетата вредност во огласот, односно со вклучен ДДВ изнесува 69.495.605 денари. На објавениот оглас покрај „Спектартермо“, учествуваа и „Еуровиа“ ДООЕЛ од Желино и „Бауер БГ“ ДОО од Скопје.

Избраната фирма, според договорот објавен на Јавни набавки, има обврска да подготви план за реализација и откако ќе ги заврши сите подготовки да започне со работа, па во рок од 20 месеци, Карпош и Скопје да ја добијат повторно во функција реновираната култна спортска сала.

Иницијативата за спас и обнова на „Партизан“, Општина Карпош ја започна на почетокот на 2019 година. По враќањето на салата во владение на општината, локалната власт во соработка со здружението „Културно ехо“ спроведе анкета за избор на идејно решение за реконструкција на салата. Идејните проекти беа подготвени од домашни и странски млади архитекти на здружението, а изборот преку анкета го направија граѓаните на Карпош. Карпошани најмногу, односно 878 гласови дадоа за идејното решение подготвено од архитектите Томас Ромеро Тали, Метју Сатори и Хавиер Ромеро. Врз основа на овој идеен проект, Агенцијата за млади и спорт потоа го работеше основниот проект.

Во меѓувреме, во мај минатата година, експертски тим предводен од Страшо Поповски, дипломиран градежен инженер и компанијата „АДИНГ“ АД Скопје, изврши процена на статичката стабилност и употребливост на салата „Партизан“. Притоа, тие утврдиле дека објектот е направен од армирано-бетонска конструкција, која е во генерално добра состојба, по што се констатирало дека нема значајни оштетувања на бетонот, што значи дека со санација на објектот и на неговите инсталации, „Партизан“ може повторно да се врати во функција.

Изработката на основниот проект траеше речиси две години, а тендерот за избор на изведувач беше распишан дури во септември годинава.

Спортската сала „Партизан“ е изградена непосредно по катастрофалниот земјотрес 1963 година, како донација од Франција, а е дело на архитектот Трајко Димитров.

Веднаш до салата ќе биде изграден затворен пливачки базен, кој ќе можат да го користат учениците од општинските основни училишта, а во попладневните часови и околните жители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот