Изборни термини како ново политичко тетеравење

љубомир костовски
Љубомир Костовски, Фото: Архива

Како да ни е судено да имаме парламентарни и други избори со многу спорења околу нивното (не)одржување, условите што ги поставуваат актерите во нив, па дури и експериментирањата, со многу елементи на креативност во толкувањата на правната страна на тој процес. И со овие вонредни избори, кои „мазно“ беа договорени, сега наидуваат на соло креативност кај спикерот на парламентот.

Со фактот дека спикерот Талат Џафери го одреди датумот 11 февруари 2020 година како ден кога планира распуштање на Собранието, се покажа дека единствена традиција што ние ја имаме во парламентарниот и, воопшто, во политички живот е ништо да не е така „мазно“, дури и кога постои еднодушен договор на сите политички субјекти за вонредните избори напролет. Џафери, како што кажа пред новинарите, раководејќи се од договорот меѓу лидерите предвремените избори да се одржат на 12 април, но и од Уставот кој нормира дека изборите се одржуваат во рок од 60 дена од распуштањето на Собранието, следниот ден по распуштањето на парламентот ќе ги распише предвремените избори. Според него, по распуштањето ќе нема можност пак да се свика Собранието за евентуално да се ратификува Протоколот за членство во НАТО.

Второто објаснување го проблематизира првиот датум што го одредува спикерот на Собранието – дали денот на распуштање на парламентот не е добро „прочитан“ во Уставот, па за да не се остави „луфта“ за толку чеканиот датум – ратификување на документот за влез во НАТО да мора да чека на новиот собраниски состав?! Дали Џафери заборави колку тој долго чекаше на првото собраниско заседание за да биде поставен на фотелјата во која седи? Смееме ли да играме „на сигурно“ кога е во прашање нашата постизборна традиција, а за едно такво историско прашање, како што е влезот во безбедносниот штит на Алијансата? Дали спикерот игра некоја контра со Владата и со резултатите од лидерскиот состанок, на кој се одреди датумот на одржување на изборите, бидејќи тој изјави дека „за ова прашање досега со мене не е разговарано и ако има потреба тогаш да се побара средба за да се дискутира“, што фрла сенка врз нечија суета која се појавува заради фактот дека спикерот е исклучен од калкулациите со датумот за избори и тој е ставен во улога на обичен свртничар кој само ги брои деновите од календарот? Или, пак, се работи за подолготрајна тактика за евентуално ново одложување на изборите, која како да им одговара и на позицијата и на опозицијата…

Дали спикерот добро го чита Уставот?

 

Дали спикерот добро го чита Уставот за кого толку цврсто се држи? Имено, тој вели дека меѓу денот на распуштањето на парламентот (11 февруари), потоа денот на распишување на изборите (12 февруари) и денот на изборите (12 април) има точно 60 дена и со тоа е исполнето словото на врвниот правен акт. Така кажа и на последниот брифинг. Во членот 63 од Уставот пишува: Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Прашањето е дали она „во рок од 60 дена“ е фиксен или само максималистички рок?

Од досегашните искуства произлегува дека двата месеца се крајниот рок, бидејќи во вакви случаи, кај предвремени избори, во практика постојано постоел покус рок. Порталот „360 степени“ потсетува деновиве дека изборите во 2008 година, само две години откако Груевски го доби првиот мандат, се организираа за 50 дена. Тоа е оној случај кога во април 2008 година, по недобивањето покана за членство во НАТО, на иницијатива на ДУИ, токму по барање на партијата од која доаѓа Талат Џафери, Собранието се распушти на 12 април, а изборите се одржаа 50 дена подоцна – на 1 јуни! Во 2011 година. парламентарците ја прекинале својата функција на 14 април (распуштање на Собранието), а изборите беа на 5 јуни – се организирале за 52 дена. Повторно имавме вонредни избори во 2014 година. Тогаш минаа 53 дена меѓу 5 март, денот на распуштање на Собранието, и 27 април – изборниот ден. Конечно, во 2016 година. Собранието беше распуштено на 18 октомври, а изборниот ден беше на 11 декември, па периодот бил – 54 дена. Ова беа последните парламентарни избори , по кои сè до 27 април следната година не можеше да се избере спикер на парламентот!

Ова значи дека сите тие вонредни парламентарни избори биле под крајниот рок од 60 дена и не биле прогласени за нерегуларни, барем од аспект на придржување до Уставот. Не може да се верува дека на Талат Џафери ова не му е познато, особено што тој лично учествувал во нив, барем како кандидат за пратеник.

Сите велат – седница може да има!

 

Второто и поважно прашање е: дали ако има проблеми со конституирањето на шпанскиот парламент, заради ситуацијата во оваа земја, која може да стане и поконфузна, но таму, сепак, дојде до ратификување на нашето пристапување во Алијансата, ние „ќе го фатиме возот“?

Премиерот Зоран Заев ги повика политичките партии да ги подготват листите за кандидати за пратеници, повторувајќи дека 12 април е договорен датум за предвремените парламентарни избори, откако претходно остави можност да се случат какви било промени се заради НАТО-ратификацијата. Премиерот смета дека и покрај изборите во Шпанија во декември, оваа земја ќе има доволно време до 11 февруари идната година да го ратификува договорот за членство на Македонија во НАТО. Експертите истакнаа дека седница може да се одржи и по распуштањето на парламентот, а тоа го искажа и поранешниот долгогодишен претседател на Собранието, Стојан Андов:

Кон ваквиот начин на размислување се приклучи и лидерот на опозицијата Христијан Мицковски, кој вели дека постои практика на свикување на распуштен парламент за итни прашања. но не посочи кога точно имало ваков случај со Собранието. Претпоставка е дека тој мисли на случајот кога СДСМ одби да излезе на избори во стартот на 2016 година, па распуштениот парламент одново ги прими „старите парламентарци“ кои продолжија со работа сè до средината на октомври 2016 година.

Го заборави ли ова Џафери, иако е тоа настан од поблизок датум? Или можеби се работи за некаков поширок контекст чии контури не можеме да ги воочиме сега?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот