Изборите завршија, се чека гласањето

Злате Лозановски
Злате Лозановски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Ако барем тројца од 2.000 анкетирани се согласеа за исто име, некој во кого имаат целосна доверба дека ќе го води градот или општината според граѓанските, а не според партиските интереси, тогаш тоа ќе беше голем чекор и за независните и за демократијата.

Во наредниве неколку дена ќе завршат изборите за градоначалници и советници. На граѓаните ќе им остане полесниот дел од работата – по два месеца треба само да ги изгласаат. Истиот филм, под наслов локални избори, што прикажуваше шест пати досега, (ќе) го гледаме и сега, како седма реприза.

„Досега имаме утвредени 35 кандидати за градоначалници. Очекуваме до крајот на август да ги објавиме и другите. Додека гледаме во ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште се мачат да утврдат кандидати“, соопштија од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ возврати со тврдењето дека во најскоро време, во текот на наредната недела ќе излезе со официјална листа на имиња за кандидати за градоначалници во најголем дел од општините.

Така, и таму, се избираат градоначалници. Објаснувањето дека „утврдувањето“ на имињата е направено според барањата, интересите, влијанието и според изборот на граѓаните е приказна во која не веруваат ни
децата. Додека лидерот и највисоките партиски тела не ја официјализираат, листата со кандидати предложена од базата може да пројде само како тоалетна хартија. Со неа, поточно од неа, може да се избрише кој било. Така прочистена и официјализирана партиската листа ќе се претвори во гласачко
ливче што ќе го добијат тие што решиле да ја исполнат својата граѓанска должност. Како што стојат работите – да ја исполнат својата партиска должност. Да излезат на гласање и слободно да ги заокружат кандидатите на кои партијата им дала шанса во следните четири години да решаваат за животот на гласачите.

Потврда за последиците од ваквите „избори“ дојде од едно истражување на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Анкетата покажа дека во некои општини една третина од испитаниците не го знаат името на својот градоначалник, а во ниту една општина вклучена во истражувањето граѓаните не знаеле да набројат имиња на барем пет советници од општинскиот совет. Но, интересно, во истата анкета, граѓаните кои рекле дека не се задоволни од работата на својот градоначалник, сепак одговориле дека повторно
би гласале за партијата што го предложила!

Има ли излез од овој круг? Обемното истражување што го покрена Националниот демократски институт (спроведено од ИПСОС, финансирано од УСАИД) објавено деновиве, покажа дека граѓаните немаат доверба во политичарите, а 53 отсто од анкетираните одговориле дека немаат доверба во ниту еден
политичар. Денеска тие што сакаат да бидат независните кандидати ќе почнат да собираат потписи. Се уште е неизвесно дали ќе биде целосно отстранет цензусот, иако двете најголеми се согласни тој да се тргне, а и шефот на државата рече дека нема да потпише закон кој предвидува независните да соберат два отсто од вкупниот број гласачи на избирачкиот список во општината. Податокот од анкетата за паднатата доверба во политичарите е толку сугестивен и, најверојатно точен, што би требало да ги охрабри независните, не само да се обидат да соберат доволно потписи за кандидатура, туку дека им гарантира дека ќе победат на избори. Но, никој не верува во таков развој на настаните. Можно е големите партии да го исполнат ветувањето и да го тргнат цензусот, ама не тоа не значи дека станале подемократични или позагрижени за понудата кон граѓаните. Едноставно знаат дека во ваков распоред на силите, изборниот
резултат најмалку зависи од независните.

Уверени се – со право – дека на дел од од оние 53 отсто анкетирани во последен момент ќе им се врати довербата (со помош на тоа што го дава власта или што го ветува опозицијата). Но, дури и никој да не се предомисли, тоа не значи дека некој ќе гласа против партискиот кандидат.

За жал, проблемот не е само во моќта на партиите, туку во немоќта на цивилното општество. Ако во анкетата на НДИ имаше прашање – Кој од вашите сограѓани заслужува да стане градоначалник? – можеби ќе добиевме појасна слика за случувањата на теренот. Ако барем тројца од 2.000 анкетирани се согласеа за исто име, некој во кого имаат целосна доверба дека ќе го води градот или општината според граѓанските, а не според партиските интереси, тогаш тоа ќе беше голем чекор и за независните и за демократијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот