ИЗБОРИ ВО СЕВЕРНО КОСОВО: Убедлива победа на кандидатите на Српската листа

фото: Курир.рс

Најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), според неофицијалните резултати објавени синоќа, извојува убедлива победа на вонредните локални избори во четири општини во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Кандидатите за градоначалници од редовите на СЛ, на изборите во општините со мнозинско српско население – Лепосавиќ, Зубин Поток, Звечан и Северна Митровица, според неофицијални информации од партиски и други извори кои ги следеа изборите, освоиле меѓу 94 и 96 отсто од гласовите на оние кои гласаа.

На изборите, според Централната изборна комисија на Косово, својот глас го дадоа 42,42 отсто од вкупно 57.983 граѓани со право на глас, а изборниот процес помина без ниту еден инцидент.

Набљудувачите на вчерашните избори, како домашните, така и меѓународните, не забележаа посериозни нерегуларности за време на гласањето.

Првична оценка и на ЦИК е дека изборниот прцес во четирите општини помина без проблеми.

– На 87-те гласачки места во 44 гласачки центри во четирите општини, гласањето заврши на време. Според прелиминарните податоци од терен, изборниот процес во тие општини се заврши без проблеми. Своето избирачко право го искористија 24.595 или 42,42 отсто од граѓаните со право на глас – изјави на синоќешната прес-конференција претседателката на ЦИК, Ваљдете Дака.

Учесниците на изборите – Српската листа, Демократската партија на Косово (ПДК) и Движењето Самоопределување (ВВ) имаат рок од 24 часа да поднесат приговори за евентуални нерегуларности.

Вонредните избори во четирите општини во северно Косово беа распишани откако тамошните градоначалници кон крајот на минатата година поднесоа оставки во знак на револт поради воведувањето на таксата од 100 отсто на увозот на српски производи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот