Избори на таргетираните

Значи вечер нема спиење, вели маж ми додека проверува дали имаме доволно залихи од бадеми, лешници, ф’стаци, ореви (обични и оние другите), солени стапчиња, стапчиња од моркови и целер, тортиља чипс, хумус (лут и диетален) и (без)алкохолни пијалаци. Денес се гласа на вонредните избори во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, избирачките места се затвораат во седум, а веќе околу десет, поточно 22 часот, ќе почнат да стигнуваат првите резултати.

Гласавме, фала на прашање, по пошта, пред две недели (мислевме дека ќе патуваме на денот на изборите, па да си ја исполниме граѓанската должност еден ден порано) така што сега останува само да седиме пред малиот екран на нашиот телевизиски приемник и да го следиме најновиот развој на настаните во политичката сага британска. Ќе бидеме ненаспани, ама знам дека ќе биде интересно.

Во земјата на традицијата, кое избирачко место прво ќе ги објави резултатите е исто така – традиција. Ќе ги гледаме благо испотените Мејбел, Шарлоти, Џонови и Стивени како трчаат со избирачките кутии од една до друга маса во спортските сали, црквите, домовите на културата, училиштата или кое и да е гласачкото место, со залепени коси и зацрвенети лица, како ги превртуваат кутиите и ги тресат ливчињата, ги превртуваат и пребројуваат, оверуваат и заверуваат и, конечно, гледајќи на часовникот извикуваат – имаме резултат, имаме резултат! И потоа медиумите ќе пренесат, први ги пребројаа гласовите и прогласија победник во Витстабл, во Кент… или во Инвернес, во Шкотска, сеедно, макар што не ми се верува дека Шкотланѓаните ќе бидат нешто многу ажурни, попрво испотената Мејбл од Витстабл ќе биде интервјуирана, радосна како да добила седумка на лото или датум за операција по шестмесечно чекање во јавното здравство и ќе ги има своите пет минути слава и – толку. Потоа ќе се оди на пиење чај и пиво. Како кој. Чајот со млеко, се разбира, а пивото со тенка „крагна“, да се прелива, да биде цела пинта, нема штедење.

А утре сабајле (доколку не се случи нешто непредвидливо), ќе бидат познати речиси сите резултати, ќе се знае кој ќе има или ќе нема мнозинство во парламентот, дали ќе се прават политички договори, кој ќе (продолжи да) биде премиер и дали, кога и како земјатa ќе излезе од Европската Унија.

И ќе здивнеме малку, или? Којзнае. Можеби. Ама не ми се верува. Мислам дека оние Норвежаните кои пред две недели ја донесоа традиционалната елка и ја поставија на „Трафалгар сквер“, можат со себе назад да ги понесат и хартиите – една мала шума од Норвешка беше потрошена на пропаганден материјал во изминативе седмици за да нè убедат за кого да гласаме. А настрана пропагандниот материјал во поштенските сандачиња, тука беа и убедувањата на врата од партиски членови. Стоиме на врата и правиме муабет. Така и со комшиите. Нема тука (кога во ретки пригоди) ќе ви дојде на врата да ве праша нешто, да ви/му/и кажете, повелете, влезете на кафе, чај, сок (или можеби нешто појако). Нема. Има да стоите на врата, понекогаш дури и половина час и да разговарате. И да врне, и да вее, и бура да коси…

Ама покрај класичното рекламирање, новитети! Изброени се 20.000 политички огласи на интернет, преку социјалните медиуми и потрошени милиони фунти. И тоа не еден за сите, туку по мерка. Во одредени области се таргетираа повозрасни гласачи, во други се правеа калкулации дали гласот за едните ќе биде на штета или во корист на другите. Истражувања преку социјалните мрежи. За вашите навики. Огромни пари се потрошени за реклами преку Твитер, Фејсбук, Инстаграм, Снепчет… од каде што знаат многу за вас, знаат што читате, што следите, што сакате и претпоставуваат за кого би можеле да гласате, па соодветно станувате цел за реклами. Партиски, читате „Дејли мејл“ или можеби „Сан“ – има шанси да гласате за брегзит (и партијата и излегувањето), ама со оглед на најновиот развој на настаните, ќе бидете цел на Борис Џонсон и конзервативците. Го отворате „Гардијан“ и на телевизија ја гледате „Мок д Вик“ (хумористична емисија со гости-политичари и хумористи кои коментираат политички настани) – вие сте цел на либералдемократите. Се интересирате за јавното здравство? Таргет за лабуристите. Посебни реклами за жени од 45 до 55 – се интересираат за околината – таргет на зелените? За мажи од 40 до 49 – конзервативци? За помлади од 20 до 25 – лабуристи? За студенти кои треба да ги враќаат кредитите и за оние кои вежбаат јога, за кои се смета дека би биле (пак) цел на либералдемократите? За мајки со многу мали деца – лабуристи? Лавина од таргетирани реклами на интернет за кои – внимание – во земјата уште нема закон за проверка на факти на социјалните медиуми, па се заобиколува вистината, се манипулира и, ајде да кажам како што е – се лаже. Отворен лов за гласачи…

Одамна немам видено и слушнато толку многу извртување и манипулирање со фактите на социјалните медиуми на британската политичка сцена како последниве години, а особено последниве месеци, со вжештената политичка реторика и покер-лица на политичките ликови.

Ама во целата оваа изборна реторика и потрошени милионски суми за убедување, пак некои ќе си останат недопрени и ќе гласаат како што сакаат. Тврдокорни. Знам за една девојка тука која гласаше за конзервативците, а претходно и за брегзит, и покрај тоа што знаеше и за лажните факти и за неисполнетите верувања и за неизвесната иднина. Како знам? Гласаше по пошта, па го пополни гласачкото ливче пред мене. Тоа што е и Македонка е сосема случајно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот