Избори на сите нивоа во Босна и Херцеговина

БиХ избори/ Фото EPA-EFE/FEHIM DEMIR

Во Босна и Херцеговина на полноќ почна изборниот молк што ќе трае до затворање на избирачките места во недела. Тогаш се одржуваат општите избори, граѓаните избираат нови членови на Претседателството на БиХ, претседател на Република Српска, пратеници за парламентот на БиХ, за Народното собрание на Република Српска, за парламентот на Федерацијата БиХ и за собранијата на десет кантони во Федерацијата БиХ.

На Избирачкиот список се 3.368.666 гласачи, од кои 63.264 ќе гласаат преку пошта.

Централната изборна комисија на БиХ информира дека на изборните листи ќе се најдат 127 политички субјекти, од нив 72 политички партии, 38 коалиции и 17 независни кандидати.
Во фокусот е изборот на нови членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, од кои бошњачкиот и хрватскиот член се избираат во Федерацијата БиХ, а српскиот во Република Српска.

За бошњачкиот член, битката е меѓу Бакир Изетбеговиќ, кандидатот на Партија на демократските акции и Денис Беќировиќ од Социјалдемократската партија на БиХ, кого го поддржаа и другите опозициски партии во Федерацијата Босна и Херцеговина.

Во трката за хрватскиот член се Борјана Кришто, кандидатката на Хрватската демократска заедница на БиХ и Жељко Комшиќ од Демократскиот фронт.

Гласачите од Република Српска ќе може да избираат меѓу пет кандидати, а главни ривали се Жељка Цвијановиќ, кандидатката на Сојузот на независни социјалдемократи и Мирко Шаровиќ од Српската демократска партија.

Цвијановиќ во претходниот мандат беше на позицијата претседателка на Република Српска, додека лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи Милорад Додик беше српски член на Претседателството на Босна и Херцеговина.

Додик сега е во трка за претседател на РС, а од 31 кандидат за позицијата, за негов најголем противник се смета Јелена Тривиќ, кандидатка на ПДП и СДС, опозициските партии во Република Српска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот