Избори има да нема

Зоран Иванов. / Фото: Приватна архива

Не омекна толку срцето на Франција колку што Америка ја стисна својата натовска тупаница. По наглото свртување на францускиот реморкер под закана на американската ласерска рампа од Вашингтон, попушта студенилото на Макрон. Тој сега само бара начин како елегантно да се извлече од своето ригидно „не“ за проширувањето. Воедно е и многу погодно алиби да ретерираат и домашните тркачи по гласови. Макрон ги извади на предизборниот терен, Макрон ќе ги враќа во соблекувалната. Нема вонредни парламентарни.

Кој и како од нашиве сега ќе се вади или ќе обвинува, како ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ ќе си го мавтосуваат членството, симпатизерите и гласачите, е само до партиските ЕПП-умешности. Избори напролет не сака никој. Накусо по ред:

Темата на Христијан Мицкоски „Обнова на Македонија“ не запали. Освен грст најверни вмровски фанатици, тој не успеа да ги заинтригира ниту партиските симпатизери. За неутралните, пак, воопшто и не станува збор. Ниту ја преобрази партијата ниту се изолираше од претходната политика и нејзините кадри. Ниту, пак, изгради јасна платформа со чисти ставови. Неговото „ни ваму, ни таму“ не го носи кон победа. Теренот деновиве му покажа дека без компас на избори не се оди. Сега само му останува маркетиншки да извлече максимум од изборното повлекување на власта и себеси од помпезното инсистирање по кашата наречена „предвремени“.

Ниту Зоран Заев има посебна нужда изборно да се истрчува во април. Оттогаш до редовните има само шест месеци, од кои два се летни. Додатно, со овој омекнат Емануел, чие „не“ за Македонија се топи како лански снег, водата пак надира на неговата воденица. Па, наместо избори во април, приближно за најавениот изборен термин, покрај оној од НАТО, му се насмевнува и вториот трофеен капиталец, овојпат од ЕУ. Би било и неумесно и политички наивно кога би дозволил да ја испушти шансата сега да не го шутира пеналот што му го изнуди моќната американската дипломатија. И без партискиот слоган тој е „на прав пат“.

Шефот на ДУИ, пак, не срочи предизборен слоган. Тој однапред знаеше дека ќе нема избори во април. Во претседателската резиденција на Водно од немајкаде, нешто за да манифестира сигурност, нешто од солидарност, крена рака за 12 април. Ова со ретерирањето на француските ставови некако и нему му е добродојдено да добие во време. Во партијата знаат дека електоратот веќе заборава на 2001-та, дека оттогаш се роди и израсна една цела нова гласачка генерација, дека административните вработувања по дома повеќе не палат и дека забавата со конспиративните инспекции по двојазичните табли баш никого од гласачите и не покренува.

Заклучок: Без посебни причини и секој со посебни мотиви, предвремените не ги сака никој и е многу извесно, априлските да бидат октомвриски. До соопштувањето на веста ќе има уште по некое партиско тетеравење и, толку.

На 12 април избори има да нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот