Избегнете го труењето со храна: Список на намирници од кои демнат опасните бактерии

труење храна
Фото: Профимедиа

Топлите денови носат потенцијални опасности по здравјето, особено во однос на труење со храна. Истражувањата покажуваат дека труењата најчесто се случуваат во рестораните, но и во домовите. Најчести бактерии кои предизвикуваат труење се: салмонела, ешерихија коли, стафилокок…

Симптоми на труење со храна се гадење, повраќање, пролив (дијареја), грчеви и други дигестивни проблеми, а овие симптоми можат да бидат многу тешки и да остават трајни последици во организмот.

Штетни бактерии во храната

 

  • Салмонела (Salmonella spp.)

Каде ја има: мелено месо, недоволно печени похувани филети, похувани стекови, сурово млеко, јајца, производи од сурови јајца како крем за торти (кремшнити, принцес крофни и сл.), сладолед, мајонез и јадења на кои им се додава мајонез (руска и француска салата), тартар сос…

Најчеста причина за труење со храна е салмонелата. Се размножува веќе во самата храна, а преживува ако храната не е правилно термички обработена со готвењето или со замрзнувањето. Болеста односно труењето со салмонела може преку контакт да се пренесе на здрава личност, затоа е исклучително важно често да ги миете рацете, особено пред јадење и по употреба на тоалет.

брза храна

  • Стафилокок (Staphylococcus aureus)

Каде се наоѓа: сладолед, месо. Оваа бактерија неретко се наоѓа на отворените ранички на кожата или во
слузницата на носот кај луѓето кои подготвуваат храна. Кога ќе влезе во храната, оваа бактерија создава отров отпорен на температурата и која со термичката обработка не може да се уништи, па доведува до труење.

  • Кампилобактерии (Campylobacter spp.)

Каде ги има: месо од живина, црвено месо, непастеризирано млеко и нетретирана вода. Бактеријата Campylobacter spp. брзо се размножува кога ќе стаса до дигестивниот систем, а тоа е можно веќе, на пример, по еден залак слабо зготвено пилешко. Инфекцијата со оваа бактерија обично не предизвикува повраќање, но предизвикува дијареја, често крвава, придружена со грчеви во стомакот.

храна

  • Клостридија (Clostridium perfringens)

Каде се наоѓа: живее во многу видови храна, особено во месото и месните преработени производи, а ја има и во почвата, како и во човечкиот и животинскиот измет. Ако влезе во нашиот организам, предизвикува гадење, силна дијареја и болки во стомакот.

За разлика од повеќето други бактерии што се пренесуваат преку храната, оваа целосно не се уништува со термичка обработка, односно со готвење. Топлината го поттикнува создавањето на спори кај оваа бактерија, чие размножување ќе го овозможи и стоењето, односно постепеното ладење.

Ако намирниците добро не се измијат пред да се зготват (на пример, гравот), при приготвувањето големи количини (обично салата од грав) може да дојде до активирање на спорите кои го преживуваат готвењето (до 100 степени Целзиусови), а при постепеното ладење без присуство на воздух се размножуваат и предизвикуват болест со дијареја.

Главниот проблем е недоволното готвење и бавното ладење на јадењата. При повторна употреба, потребно е многу да се загрее храната (да е врела на допир), бидејќи во спротивно оваа бактерија ќе преживее.

лето храна готвење

  • Листерија (Listeria monocytogenes)

Каде ја има: сирењата кои бавно дозреваат (камемберт, бри, сино сирење) и паштетите содржат поголеми количини на оваа бактерија. Ја предизвикува болеста листериоза, а поризични групи за зараза со оваа
бактерија се трудниците, новороденчињата, старите лица и оние со намален имунитет. Инфекциите во рамките на овие групи се често многу сериозни и опасни по живот.

  • Ешерихија коли (E. coli)

Каде ја има: недоволно печено, мелено говедско месо, непастеризирано млеко, неправилно пастеризирано млеко, млеко загадено со оваа бактерија по пастеризацијата.

Многу видови на ешерихија коли се безопасни, но оние кои го произведуваат вероцитотоксин (VTEC) можат да предизвикаат сериозни болести. Со оглед на тоа дека ешерихија коли е чест жител на нашите црева и можеме да се заразиме преку директен контакт со заразено лице или животно, како и преку животински измет. Крвава дијареја и грчеви во стомакот се најчестите симптоми на труењето, а болеста може да има и многу сериозни компликации, вклучително и откажување на бубрезите, анемија, невролошки проблеми, па дури и смрт.

Како можеме да го спречиме труењето со храна?

Хигиената при приготвувањето и консумирањето на храната, како и нејзиното правилно чување се единствените начини за да го спречиме труењето со бактериите од храната, кои најчесто не ги чувствуваме со мирисот или вкусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот