Избегнете ги фаталните последици: Што е тромб и како да го спречите неговото настанување

Крвните згрутчувања се појавуваат во телото многупати во текот на животот. Кога ќе се пресечеме со нож или при хируршка интервенција, околу раната крвта почнува да се згрутчува за да се спречи понатамошното течење сè додека кожата не се регенерира. Меѓутоа, како и кај многу други телесни функции, до згрутчување може да дојде и во непредвидливи ситуации и тогаш може да биде опасно по живот.

Каде настануваат крвните згрутчувања?

Длабока венска тромбоза

Еден од најопасните типови на згрутчување на крвта е длабоката венска тромбоза, која се формира на една од најголемите вени во телото, најчесто во долниот дел на ногата. Симптомите се отекување на нозете, губење на природната боја на кожата, чувство на топлина во тој дел на телото, чувствителност или силна болка. Некои лица, пак, немаат никакви симптоми на длабока венска тромбоза.

Белодробна емболија
Белодробната емболија се појавува кога се формира грутка или почесто кога патува до артериите во белите дробови. Овој тип на згрутчување е екстремно опасно, бидејќи го блокира дотокот на крв во белите дробови. Многу лица умираат од белодробна емболија, дури и во случаи кога грутката првобитно се појавила во некој друг дел од телото. Ако забележите дека дишењето ви е плитко, имате болки во градите, искашлувате крв и чувствувате слабост и вртоглавица, итно побарајте лекарска помош.

Срцев удар
Крвната грутка може да се формира и во срцето или да дојде до него од некој друг дел од телото, блокирајќи го протокот на крв и да доведе до срцев удар. Во тој случај, многу симптоми се слични како при белодробната емболија. Пациентот чувствува силна болка во градите која се шири на рацете, грбот, вратот или вилицата, чувствува дека дишењето му е плитко и е во општа слабост.

Мозочен удар
Згрутчувањето кое го блокира протокот на крвта до мозокот може да доведе до мозочен удар дури и кај здрави лица. Таквото згрутчување може да се појави по повреда на главата, како потрес на мозокот или поради масни наслаги на ѕидовите на крвните садови. Симптомите вклучуваат отежнат говор, главоболка,
парализа, вртоглавица или напади слични на епилептични.

Што предизвикува појава на тромб?

Крвните згрутчувања најчесто се појавуваат по некоја повреда, но крвта може да се згрутчи и заради други фактори.

1. Бременост – кај идните мајки се зголемува волуменот на крвта, што доведува до поголем ризик од појава на тромб.

2. Дебелина – вишокот телесна тежина го забавува протокот на крв во вените.

3. Пушење – пушењето ги оштетува внатрешните ѕидови на крвните садови и ја зголемува шансата тромбоцитите да се слепуваат.

4. Карцином – лицата кои се лекуваат од рак се во зголемен ризик од крвно згрутчување, поради последиците коишто хемотерапијата ги остава во телото.

5. Неподвижност – многу луѓе развиваат крвни грутки по долг период на мирување, бидејќи во случај на неподвижност, срцето потешко пумпа крв низ нозете.

Како да се спречи?

Пред сè, треба да се движите. Ако работите канцелариска работа или сте возач, треба да правите пауза на секој час или два, за да прошетате и да ги истегнете нозете. Редовно вежбајте и одржувајте здрава телесна тежина. Пијте доволно течности и редовно контролирајте го здравјето, особено ако некој од семејството веќе имал некој опасен тромб.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот