Ивица Бисовски е ослободен од одговорност зашто полицаецот нападнат пред „Мош“ не сакал да го гони кривично
Телохранителот на Христијан Мицкоски, Ивица Бисовски, е ослободен од одговорност затоа што полицаецот кој беше нападнат пред кафулето „Мош“, во февруари годинава, не сакал да го гони кривично, произлегува од одговорот на МВР даден за Слободен печат. Денеска СДСМ на прес-конференција обвини дека лично министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го ослободил Бисовски за инцидентот. Меѓутоа од МВР велат дека внатрешната контрола во комисија составена од 3 члена согледувајќи ги сите факти и ценејќи ги сите докази утврдило дека полицискиот службеник И.Б. не е одговорен бидејќи за настанот пред кафе барот Мош за Бисовски не се презема кривично гонење.
Одделението во состав од тројца членови при донесување на Предлог решение ги согледа сите факти и ги ценеше сите докази од кои утврди дека полицискиот службеник И.Б. не е одговорен и го отфрли барањето со свое сопствено убедување и уверување согласно доказите односно дека против истиот за настанот наведен во предлогот не се презема кривично гонење, велат од МВР за Слободен печат.
Бисовски беше суспендиран на 26 февруари годинава.
Согласно Колективниот договор Одделението за дисциплински постапки во состав од тројца членови го повика вработениот на расправа на која присуствувал истиот, при што дал своја изјава, а и приложил доказ со кој во врска со настанот за кој се терети, сторен на 18.02.2024 година од страна на Основното јавно обвинителство со бр.XXXVII KO бр.857/24 од 09.07.2024 година се известува дека против истиот не се презема кривично гонење за кривично дело – Напад врз службено лице при вршење на работите на безбедноста од чл.383 ст 1 од КЗ со образложение од оштетениот во овој настан, полицискиот службеник В.Г. дека не бара никаква штета и не сака против полицискиот службеник И.Б. да се води кривична постапка, велат од МВР.
Во тој контекст од страна на министерот за внатрешни работи донесено е решение согласно предлогот изготвен од Одделението за дисциплински постапки.