Ивановски: Вонредната состојба трае само 30 дена, треба да се размисли за враќање на Собранието

Поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски, потенцира дека според Уставот е предвидено вонредната состојба да трае најмногу 30 дена, а кризата со коронавирусот најверојатно нема да биде надмината во тој период, па затоа вреди да се размисли и засега да не се прогласува вонредна, ниту кризна состојба, доколку клучните институции како министертвата за здравство и финансии, МВР, Народната банка и други можат непречено да функционираат и да ги превземаат сите потребни мерки за заштита на здравјето на населението.

– Состојбата сега е таква што не е само епидемија во прашање, туку нешто итно, светска пандемија. Нашиот Устав предвидува како да се постапува во конретни ситуации, но од друга страна, нуждата ги менува законите. Никој не може да го претпостави крајниот датум на престанокот на оваа криза. Точно е дека Уставот не предвидува дека распуштените пратеници можат повторно да се состанат, но, точно е и дека тие својот мандат си го имаат до конституирањето на следниот пратенички состав. Ако сега се состанат за да носат одлуки, тоа би било недоследност, но тоа е помалку важно во итната состојба, затоа што, како што реков, нуждата ги менува нештата. Сега е друга дилемата. Во Уставот е предвидено дека вонредната состојба ја прогласува Собранието со двотретинско мнозинство, на предлог на Владата, Претседателот или 30 пратеници, а ако не може да се состане Собранието, вонредната состојба ја прогласува Претседателот и потоа и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане. Но, важноста на одлуката за вонредната состојба е само 30 дена, а тоа никој не го потенцира. Кризна или воена состојба, важноста на обете е 30 дена, со тоа што кризната состојба може да се продолжи со одлука на Собранието. Ако вонредната состојба се прогласи без да се активира Собранието, закондавната функција ќе ја врши Владата, но борбата со коронавирусот веројатно нема да заврши за 30 дена. Затоа треба да се размисли засега да продолжи да функционира техничката влада, доколку клучните институции како министерствата за здравство и финансии, МВР, Народната банка и други можат непречено да функционираат и да ги превземаат сите потребни мерки со истата брзина што би ја имале и при прогласена вонредна состојба. Ако ескалира ситуацијата може и да се поништи техничката влада и да се врати редовниот состав на Собранието. Треба да се потенцира и тоа дека ако немавме техничка влада и распишани избори и ако се случеше пандемија, на овие пратеници при вонредна состојба ќе им се продолжеше мандатот – вели Ивановски за „Слободен печат“.

Тој додава дека правно не е се најчисто во актуелнава ситуација. Според него, состојбата наметнува нештата да се гледаат и од апсект на темелните принципи на Уставот каде човекот е најголема вредност и треба да сме внимателни, како што се вели, да не го исфрлиме детето сосе валканата вода, односно да не дозволиме состојбата да букне додека решаваме правни дилеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот