Ивановска: ДКСК ја следи транспарентноста при јавните набавки и донации и дали некој нелегално профитира

Билјана Ивановска
Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, Фото: Архива

Антикорупциската комисија ја следи содржината, транспарентноста и отчетноста при јавните набавки и донации, во услови кога тие се зголемени поради корона вирусот, изјави во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

Во овој период на вонредна состојба, членовите на ДКСК организирано работат од дома, а поради вонредната ситуација имаат, како што вели Ивановска, поголем обем на работа.

-Ги утврдивме ризиците. Насочени сме кон можни незаконски постапки, особено преку следење на содржината на набавките, на транспарентноста на процесот и во отчетноста. Ризиците се тие, и покрај тоа што класичните закони не важат, треба да се водиме по човечките закони, етичките, хуманите кои треба да преовладеат. Имајќи в предвид дека има многу набавки и донации, ќе ги насочиме активностите кон тоа каде завршуваат и дали некој заработува од нив, вели таа.

Ивановска информира дека ДКСК е во процес на прибирање конкретни податоци за набавките, особено во време кога важат вонредни, а не редовните закони, при ситуација кога се брза да се дојде до најнеопходните средства за надминување на кризата.

Таа исто така рече дека мерките на власта се релевантни, а ДКСК отвори простор власта да работи во функција на здравјето на граѓаните, за што често биле консултирани од надлежните при преземањето одредени чекори.

Во однос на тоа како работат, има лица за прием на претставки од разни субјекти.

-Имаме воведено дежурство во Архивата за прием на преставки и пошта. Електронски разменуваме информации. Во овој период пред завршување ни се некои значајни анализи…Годишниот извештај за работењето на Комисијата, потоа некоја од анализите за трошењето на буџетските средства, конкретно возилата по службена должност, кои во услови на реалокација на буџетските средства ќе биде добредојдена, изјави Ивановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот