Иванов: Сведоци сме на национално предавство

epa07175023 President of Macedonia Gjorge Ivanov smiles during a meeting with Jordan King Abdullah II and Queen Rania of Jordan, at the Royal Palace in Amman, Jordan, 18 November 2018. Ivanov is on official visit to Jordan. EPA-EFE/ANDRE PAIN

Поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов напиша дека изјавите во интервјуто на премиерот Зоран Заев биле национално предавство.

„Како претседател на Република Македонија во двата мандата во многу мои обраќања кон македонската јавност јасно и директно кажав а сега повторувам: Кога сте подготвени едно прашање да го решите по секоја цена, тогаш цената е највисока. Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на Македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, македонски идентитет и македонски јазик, нема ниту македонско прашање. Со други зборови, прашањето за идентитетот ќе се реши со негово поништување. Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена. Сега, речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа, на повеќе нивоа и во повеќе наврати. Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува.”

Невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите. Антифашистичкиот карактер на Македонската борба во Втората светска војна и придонесот за ослободувањето од нацизмот и фашизмот во Европа никогаш не биле спорни. Никој нема право, слобода и повиканост да менува нешто, да испревртува факти, да ја преиначува вистината. Не е само неприкладно, туку е срамно и жално, и за Македонија и за Македонците.

Вчера, Македонскиот Народ го виде правото лице на Заев. Овој самопрогласен „искусен политичар” вчера докажа дека сме сведоци на национално предавство. Длабоко сум убеден дека македонската нација (и оние што гласаа за него) ја согледаa предавничката улога на Заев и неговата клика.

Во оваа прилика на „искусниот политичар” му препорачувам соодветна лектира.

Најпрвин манифестот на АСНОМ кој јасно вели: „Под великобугарската окупација настанаја најтешките години на македонскиот народ.”

За Македонцките Работи” на Крсте Петков Мисирков кој зборувајќи за слободата посочи на мрачните сили што не и дозволуваат на нашата татковина сама со свои очи да ги гледа своите интереси, ами и наврзуваат очила што ја замрачуваат вистината.

Воедно би му ја препорачал и 1984 на Орвел кој напишал дека „кој го контролира минатото ја контролира иднината, а кој ја контролира сегашноста, го контролира минатото.”

Го прашувам јавно „искусниот политичар“, од каде таа аверзија кон историјата? Тврдите дека македонскиот народ живее во минатото и дека сакате да го однесете во иднината. Но, народот не живее во минатото, туку со минатото, и тоа не за да мрази, туку за да се сеќава. А сега сакате и колективните сеќавања да ги цензурирате и да ги избришете.

Во секоја демократска земја, во секоја земја членка на Нато и членка на Европска Унија, за вакви изјави на премиер, паѓа владата.

Во твоите очи „искусен политичару” наместо доблест и чест, љубовта кон татковината станува грев. Денес не се потребни вакви “саможртви” како твојата. Денес е потребно да се погледнеш во очи и да прифатиш дека Македонија е се што имаме и дека никој не може да ја сака Македонија повеќе од нас самите.

Македонскиот народ поучен од историјата веќе се обединува и почнува да го пишува новиот Mакедонски Mанифест.

И после сето ова што им го направи на Македонија и Македонците, Mакедонскиот народ  не се плаши. Македонскиот Народ го чува, гo негува и промовира вековниот идеал на непокорот.

Да живее Република Македонија!“, напиша Иванов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот