ИВАНОВ ВЕЌЕ СЕ СПАКУВА – Каде ќе оди по 12 мај?

Вториот мандат на претседателот Ѓорге Иванов, му истекува за 10 дена. В недела, на 5 мај ќе се одржи вториот круг од претседателските избори на кои ќе се избира претседател меѓу кандидатите, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова. Се очекува, доколку се избере новиот претседател, тој да биде инаугуриран најдоцна до 12 мај.

Претседателот Иванов засега не ја информира јавноста каде ќе ја продолжи професионалната кариера. Една од опциите е да се прати како професор на Правниот факултет каде што предаваше до пред 10 години.

Од Владата, пак, информираат дека Иванов се интересирал официјално кај Службата за општи и заеднички работи, колку изнесува годишниот буџет за поранешен претседател на државата.

„СОЗР има одговор дека висината е 8 отсто од годишниот буџет предвиден за институцијата Претседател на Република Северна Македонија и дека во рамките на тој буџет треба да поднесат до СОЗР и барање за деловни простори“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Тој додаде дека до вчера во СОЗР не пристигнало барање.

Во јавноста се шпекулираше и дека Иванов планира да биде професор и понатаму, но не во земјава, туку во Турција, на „Анкара Универзитет“ во Анкара, каде се зборуваше дека ќе се отвори нова катедра.

Инаку претседателот Иванов на универзитетите во соседна Турција два пати добиваше титула на почесен професор, а повеќе пати беше поканет како предавач. Во октомври 2009 година, во Анкара му беше доделена титулата Почесен доктор на науки на ТОББ Универзитетот за економија и технологија, еден од најреномираните приватни универзитети во Турција, Титулата Почесен доктор на науки на претседателот Иванов, вторпат во неговиот мандат, му ја додели ректорот на Универзитетот „Истанбул” во март 2011.

Инаку Иванов има и приватни врски со Истанбул, каде студира неговиот син.

Од кабинетот на Иванов нема одговор на прашањето, каде ќе ја продолжи својата професионална кариера по 12 мај кога му истекува вториот претседателски мандат, односно дали ќе се врати на Правниот факултет во Скопје, дали ќе побара претседателски кабинет или можеби ќе замине во Турција.

Инаку доживотен претседателски кабинет користи Бранко Црвенковски со околу четворица вработени. Исто толку му следува и на Иванов. Доживотната плата на „пензиониран” претседател на Северна Македонија е во висина на платата актуелниот претседател.

Според Уставот и законот, доживотните привилегии еден поранешен претседател може да ги загуби само ако бил разрешен со импичмент или ако Уставниот суд констатирал за време на мандатот дека претседателот има деловна неспособност.

Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот