Иванов потврди дека прима барања за аболиција – Дали ќе ги одобри?

Од кабинетот на претседателот на државата Ѓорге Иванов потврдуваат дека примаат барања за аболиција од осудените за настаните од „крвавиот четврток“, но не кажуваат дали ќе постапат по овие барања и дали претседателот до 12 мај, кога му истекува мандатот, ќе ги помилува.

Како што неофицијално дознаваме, барањата за аболиција ги праќале роднините на осудените. Исто така до Иванов осудените преку адвокатите бараат тој да постапи согласно неговите надлежности и да помогне во воведување на еднаква правда за сите и неселективност.

– Не може мојот клиент Душко Лазаров, кој воопшто не бил во Собранието, да има драконска казна, додека оние што ги отвориле вратите да бидат помилувани. Мора да има неселективност и еднаквост – вели адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

Иако од кабинетот на претседателот не кажуваат кој поднел барање за аболиција, според неофицијалните информации, тоа го направиле сите осудени за настаните од 27 април.

Од кабинетот на Иванов нема одговор на прашањето дали ќе постапат по овие барања и дали осудените ќе бидат аболицирани.

За крвавиот четврток се осудени Митко Пешов од МВР кој доби 15 години затвор, Душко Лазаров од МВР осуден на 15 години, Горан Ѓошевски Леви, поранешен шеф на обезбедувањето на Трајко Вељаноски осуден на 15 години, натаму Оливер Поповски од МВР осуден на 13 години, неговиот колега Оливер Радулов, на 10, Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање кој денес доби 15 години затвор. Мерките, советот со кој претседава Кацарска ги донесе на барање на Обвинителството за организиран криминал.
Абдуљфета Алими, кој доби 7 години затвор, исто така, доби притвор.Во притвор до правосилност на пресудите и натаму остануваат напаѓачите со фантомки: Младен Додевски кој денес доби 12 години затвор, Јане Ченто кој доби 15 години, Горанче Анѓеловски 12 години, Игор Југ 12 години затвор, Влатко Трајковски кој беше осуден на 15 години, Вилијам Михајловски на 14, Никола Митревски Кољо на 15 и Александар Василевски Нинџа, кој доби најмалку од нив, 8 години затвор.

Судијката Добрила Кацарска за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година, изрече само една ослободителна пресуда, за Игор Дурловски, еден од водачите на протестите.

Иванов пред две години, донесе одлука за аболиција или помилување, на сите политичари против кои Специјалното јавно обвинителство имаше истражни постапки, а потоа аболицијата за дел од нив беше повлечена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот