Иванов ОСТАНУВА во облаците на Џевахир: Владата ГЛУВА за барањето на Антикорупциска

Поранешните претседатели Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов засега остануваат во своите удобни канцеларии кои се плаќаат со народни пари, бидејќи Владата, односно Службата за општи и заеднички работи не најавува дека ќе ги раскине договороите за закуп. Вчера Антикорупциската комисија побара СОЗР да ги раскине договорите и да додели државни канцеларии. Со тоа месечно ќе се заштедат околу 7.500 евра од буџетот, бидејќи за канцеларијата на Црвенковски се плаќа месечна кирија од 3.000 евра, за онаа на Иванов 1.950 евра и за канцеларијата на сопругата на Борис Трајковски 1.500 евра.

„Слободен печат“ ја праша Владата дали ќе ги раскине договорите за закуп, како што бара Антикорупциска, на што добивме одговор дека за тоа да се случи се потребни законски измени.

– Владата постапува исклучиво согласно позитивните законски прописи и уставните надлежности. Доколку дојде до законски измени поврзани со привилегиите на поранешните функционери, истите Владата ќе ги почитува во целост – се наведува во кусиот одговор.

Антикорупционерите наредната недела ќе ги достават заклучоците до СОЗР, Уставниот суд и до Собранието. Од СОЗР ќе побараат да бидат раскинати договорите на поранешните претседатели и тие да бидат сместени во државни канцеларии. Оценка на уставноста на законот ќе бараат од надлежниот суд. Во законодавниот дом, пак, ќе поднесат иницијатива за преиспитување на законот за ограничување на времетраењето на привилегиите на поранешните претседатели.

Поранешните претседатели имаат право на канцелариски простор, кој може да биде и под закуп, најмногу до три стручни лица, лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач од МВР. Дилема која ја наметнуваат Антикорупционерите е дали овие привелегии ќе се доживотни.

Поранешните претседатели имаат право и на пензија од околу 1.800 евра.

Црвенковски за кирија повеќе троши од Иванов

„Слободен печат“ веќе пишуваше за тоа колку пари од државната каса се трошат за поранешните претседатели. Според податоците, СОЗР за канцеларијата на поранешниот претседател Бранко Црвенковски плаќа речиси 3.000 евра месечно. Неговата канцеларија е сместена во компексот згради на улицата „Антон Панов“ во центарот на Скопје. Црвенковски беше претседател 5 години, од 2004 до 2009 година. Оттогаш ги користи овие привилегии, цели 10 години.

Околу 1.000 евра помалку се месечните трошоци за кириите на Иванов. Тој е сместен во една од кулите 40-катиници во Џевахир. Таму користи два стана, а вкупниот простор му е 274 квадратни метри. Во едниот стан работи, заедно со тројцата советници кои исто така се платени од државата. Вториот, му е наменет за библиотека и таму е предвидено да одржува состаноци. За луксузни простории со поглед од облаци, државата на Иванов месечно му плаќа 1.950 евра.

Канцеларија користи и сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, за која се плаќа кирија од 1.500 евра.

Колку се активни Црвенковски и Иванов?

Поранешниот претседател Бранко Црвенковски неколку години по завршување на мандатот не беше политички активен. Во февруари годинава првпат се појави во јавноста на политички настан во Подгорица, каде е дел од Подгорички клуб, каде членуваат поранешни премиери и претседатели од регионот. Четири месеци подоцна, во јуни, Кабинетот на Црвенковски заедно со Подгорички клуб ја организираа меѓународната конференција „Проширување на ЕУ на крстопат“. Тогаш главната порака на Црвенковски гласеше: „Ако летово не добиеме датум за преговори, тоа ќе биде доказ за отсуство на лидерство и визија во рамки на ЕУ“.

По 10 години мандат, во мај, му заврши мандатот на претседателот Ѓорге Иванов. Веднаш по заминувањето од функцијата се актуелизираа темата дека од Водно се сели во Џевахир. Неговата прва реакција му беше демантот на седницата на ДКСК.

Актуелниот претседател, пак, Стево Пендаровски, најави дека по завршувањето на мандатот планира да се врати во универзитетската фела и ќе побара само една канцеларија во Министерството за надворешни работи за да може да има средби со државници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот