Поранешниот шеф на ПЈРМ Ѓорге Иванов – во четвртокот – се појави во Кривичниот суд во Скопје. Викнат како сведок на одбраната во рочиште за организацијата на „крвавиот четврток“, тој всушност посведочи за невозможната одбрана и за последните денови на самиот процес. Настанот беше проследен пристојно, значи недоволно, ако се знае колку е убаво да се види толку висок функционер – во судница.
Иако сега – после Преспанскиот договор – со изгубен идентитет и со истребена националност (Љ. Коцарев), никој немаше дилема дека тоа е тој – популарниот Хорхе. Изгледаше сосема пристојно за пензионер. Државата, чие име не го признава, ја чини годишно околу 165.000 евра – пензија од 1.500, околу 100.000 евра за кабинетот од 270 квадрати во висококатниците на Џевахир, плата за соработниците, лично обезбедување, службено возило, возач… Од Антикорупциска дознавме дека има заштеда од 100.000 евра, еден стан во центар и два на Водно. За нив Комисијата се сомневаше дека може да се купат со плата, па дури и претседателска, ама превиде дека станува збор за домаќин и патриот спремен, ако треба, да двои и од устата (на секој од нас).
Малку пообелен (не во образот), ама важно влакно не му фали (на главата). Жив доказ дека високите функционери не застаруваат така брзо како што застаруваат нивните дела. Седеше достојно за татко на нацијата – и на државата, пред се – која десетина години ја силуваше во анексот на вилата. Не стана да извика не го признавам овој суд, туку мирно ги оцени како небулози информациите дека на 27 април во 2017 година било договорено да прогласи воена состојба. Сведоштвата дека за влакно не го направил тоа беа на обвинети за насилниот упад во Собранието. Но, кажа нешто многу поважно за целиот случај: „Тоа е школски пример за психолошка војна. Создавање алиби за некој кој требало да преземе нешто, а за тоа вината да биде на претседателот на државата“!
Во право е. Државата нема никакво алиби за тоа што не презема ништо во врска со него (освен што му плаќа се). Еве, сведочи за нешто што не го направил – не прогласил воена состојба – а не одговара за тоа што го направил. За поттикнување насилство со поддршката на демонстрантите во „За заедничка Македонија“, за незаконската аболиција на обвинети од СЈО, за манипулациите со „тиранската“ платформа, за недавањето мандат на премиерот, за кршењето на Уставот…
Иванов не беше во судницата само поради тоа што доставувачот открил на која адреса да му ја однесе поканата (иако тоа не е за потценување). Неговото појавување има големо симболично значење. Пример за психолошка војна. Ама не против него, туку против сиот нормален свет кој беше сведок на насилствата. Кој не можеше со денови и со ноќи да се убеди дека е тоа можно. Како да не сакаше да им верува на сопствените очи. И, се покажа, не требало. (Перцепцијата е важна само кога е во прашање невидлива корупција, а не очигледен државен удар). Зашто, од сведочењата дури сега гледаме дека реално ништо и не се случило. На крај ќе излезе дека во Собранието никогаш и немало крв, тепачки, полумртви, пиштоли, организатори, насилници, новинари, наредби, договори…
Оваа претпоставка не е само перцепција. А ни процесот не е само судски – лузните од него ќе останат уште долго во општеството. Ама, бидејќи фарсата наречена „расчистување“ станува поголема трагедија отколку самиот случај, крајно време е да се кажат завршните зборови. Може и оние на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од последните парламентарние избори: „Иванов, од кого научив многу за политиката која сега ја применувам, е најчесниот и најискрен претседател кого Македонија го имала“.