Иванов: Едвај чекаме мечот да почне

фото: АБА Лига

Благоја Георгиевски

Еден од оние што најмногу ја посакуваат победата на МЗТ Скопје во вториот меч од бараж-серијата со Задар за влез во АБА 1 лигата е Иве Иванов. Крилниот центар е дете на Задар, Хрват кој долго време играше во тој клуб. Но сезонава успешно настапува за МЗТ Скопје Аеродром и има голем придонес во добрата сезона на аеродромци во АБА 2 лигата.

Иве признава дека му е малку чудно што игра против Задар во ваков важен меч, но, е енстра мотивиран, како и остаткот од тимот да победи и со тоа својот клуб да го прати во повисоката „дивизија”.

МЗТ убедливо победи во првиот меч во Задар со 89-83 и со победа вечерва во вториот меч („Јане Сандански”, Скопје 18 ч) преминува едно ниво погоре, што му е најважната цел сезонава. Но Иванов потврдува дека задачата нема да биде лесна, како што можеби се чини на прв поглед.

– Милам дека Задар ќе се бори и ќе биде многу мотивиран. Ќе настојува да се избори за мајсторка во Задар. Ние мораме да одиграе концентрирано и борбено од самиот почеток – вели Иванов за денешниот меч. Иванов најголем дел од својата кариера минал во Задар. Задранинот ја започна својата професионална кариера во овој клуб и изигра за него седум сезони.

– Играњето против Задар во овие мечеви ми е чудно, од мали нозе навивам за Задар. Но јас сум сега играч на МЗТ и моја работа е на паркетот да дадам се од себе за мојата екипа да победи. Така и се однесувам – вели Иванов. Тој сезонава е во топ-тен во АБА 2 лигата според индексот на корисност (деветти, 16,85), според постигнати поени (десетти, прсоек 15,23) и според офанзивни скокови (осми, просел 2,15).

Атмосферата во тимот пред најважниот меч за МЗТ сезонава ја оценува како одлична.

– Атмосферата навистина ветува. Сите сме подготвени и здрави и едвај чекаме мечот да започне – вели Иванов, кој на првиот меч во Задар помина најмногу време на паркетот од играчите на МЗТ (39,46 минути), постигна 19 поени, по три скока и украдени и две асистенции, односно беше еден од најкорисните на теренот.

Задар изгледаше неубедливо и млако на првиот меч со МЗТ, но пред два дена одигра меч од хрватското првенство и како гостин на Шибеник победи со 73-70. Дали кризата во тимот на Анте Назор е надмината и МЗТ ќе има покомпактен противник во својата сала? Назор по мечот со МЗТ во Задар изјави дека некои од неговите играчи не можат ни да се гледаат едни со други. Како Задар ќе функционира, ќе видиме вечерва.

МЗТ Скопје за главна цел сезонава го истакна враќање во АБА 1 лигата. Сега е на еден чекор до остварување на целта. Ако победи станува член на АБА лигата за идната сезона. Ако изгуби ќе игра мајсторка во Задар за една недела.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот