Иванов Care

И покрај тоа што насловот на денешнава колумна можеби е збунувачки за сите оние кои го читаат во моментот, сепак тој треба да има длабока порака која се однесува за сите граѓани на Северна Република Македонија. Насловот е парафраза на  веќе легендарниот закон потпишан од претседателот Барак Обама во 2010 кој официјално гласи “Patient Protection and Affordable Care Act”, многу попознат по својот никнејм “Obama Care”. Во слободен превод тоа би бил Закон за заштита на пациентот и пристапност кон медицинска грижа. Законот инаку претставува една вистинска револуција во здравствениот систем на САД кој овозможи околу 25 милиони американски граѓани само во 2016 година  да бидат здравствено згрижени кои, без истиот, веројатно би банкротирале плакајќи ги огромните трошоци за лекување. Процена е и дека откако Законот се применува, практично од 2014 година наваму, спречени се просечно по 45 илјади умирања годишно на американски граѓани. Со низа комплицирани администартивни и финансиски мерки, овој закон овозможи висококвалитетно лекување за сите граѓани со пониски примања правејќи една левичарска револуција која за прв пат после 100  години направи обид за вистинска реформа на здравствениот систем во Америка во кои се лекуваа оние што имаат подлабоки џепови. Но, не е од помал интерес фактот што претседателот Обама ја најави својата здравствена реформа уште за време на претседателската кампања во 2008 година и ја спроведе држејќи го своето ветување и покрај огромните сопки од десничарските републиканци. Најновите вести  потврдуваат дека претседателот Доналд Трамп со сите сили се обидува да го анулира овој Закон,  и дека е тоа прашање на денови. Но, без оглед на натамошната судбина на Законот на Обама , неговите ефекти никој не ќе може да ги негира пред се како обид во грубото и сурово капиталистичко општество да продрат идеите на прогресивниот социјализам, познат на граѓаните  од бившата држава кои се, за жал, во природен процес на исчезнување….

Речиси во исто време францускиот претседател  Емануел Макрон во својата предизборна кампања ќе  најави дека, доколку биде избран, ќе се погрижи за аутистичните лица во Франција. Се разбира дека и претседателот Макрон го исполни своето ветување и кон крајот на минатата година издвои 344 милиони евра за оваа група на население финансирајќи го целокупниот третман и враќањето во општетсвото на овие лица од кои се голем број деца.

Погодувате дека поводот за овој текст се и престојните претседателски избори и затоа е и името на претседателот Иванов во насловот. Колку да помислат идните “татковци“ или “мајки“ на нацијата  дека во земјава има многу болни луѓе кои се борат за својот гол живот на сите можни начини, а тоа е најчесто мачно, недостоинствено и исцрпувачки. Правото на лекување е основно човеково право и државата треба да стори многу повеќе тоа да се претвори во излекување или барем ублажување на погубните последици. Гледајќи ги секој ден тешко болните граѓани нешто не можам да почуствувам дека прашањето околу Северна, Јужна, Античка или не знам каква Македонија  им е суштетсвено. Не можам ниту да осетам дека  тешко болните Албанци се нешто одушевени од  идејата за голема Албанија, или дека на сите им е нешто значајно што заедно со Бугарите ќе го чевствуваме Гоце Делчев или Свети Климент. А се некако имам претчуство дека и оваа кампања нема да се занимава со нас ниту со нашите болни. А болните се намножиле  и се множат се повеќе и повеќе… уште кога некому би му текнало да направат партија, каква би била таа сила…

Почитувани колеги, лесно ќе се сложите со мене дека во текот на нашите животи нема до доживееме  еден  сличен  “Обама Кер”, или некоја добра трансфузија на евра за згрижување на дел од нашите болни. Политичарите, идниот претседател и сите други, и натаму ќе го делат овој напатен болен народ убедувајќи го дека Северна Република Македонија и Законот за јазиците се најважните работи за сите па и за болните. Ќе ги слушаме и натаму нивните јалови дискусии и ќе гледаме колку нацијата ни е поделена. Оттаму ќе бидат залудни нашите напори да докажеме дека за нас единствена вистинска поделба на нацијата е на болни и здрави луѓе кои меѓу себе се апсолутни еднакви и кои  треба да имаат еднакви шанси за живот. А колку многу би ни значела една вистинска акција на идниот татко ( или мајка!) на нацијата! За почеток  нека тоа биде грижата за  лицата со ретки болести, или оние со посебни потреби. А потоа и да биде со нас кога ни е потребен, да покаже вистинска ( не само декларативна) грижа за нас, да не обедини во борбата за чист воздух и за здрава околина, да ги преслуша оние што заработуваат врз нашата мака и труд, да почувствуваме дека сите сме на иста страна во оваа сурова битка на живот и смрт. А притоа да заборави на аболиции, политички маркетинг, продавање квазипатриотизам, одбрана на крајно сомнителни цели и сижеа, завземање на страна, и провинциска сервилност спрема неговите патрони од власта, без оглед дали била оваа или онаа…

Господата, Обама и Макрон покажаа како тоа го прават вистинските лидери чија грижа се горливите проблеми на граѓаните. Оние пак другите, кои  ги има на секој чекор во овие простори, особено на Балканот, предизборните ветувања после успешниот избор ги ставаат веднаш во втор, трет или стотти план, со надеж дека наскоро сите ке ги заборават. А доколку сепак некој се осуди да ги извлече на виделина, тогаш следува канонада од будалести оправдувања по телевизиските дебати од кои им е на сите смачено, како што е тоа  во сериалот околу ПМ честичките и славните рекорди  на  сверно-македонските градови.

Во контекстот на она што е речено погоре, не е случајно што Французите и Американците често ги именуваат своите познати болници според имињата на нивните претседатели:  Болницата Жорж Помпиду во Париз, Универзитетската болница Франсоа Митеран во Дижон, болницата Едуар Ерио во Лион, Медицинскиот центар Ајзенхауер во Калифорнија, Центарот ЏФК во Филаделфија и многу други.

Не сум баш убеден дека во блиска иднина некој од оваа плева од самонаречени транзициски лидери ќе заслужи некоја од нашите и онака очајни болници да го носи неговото име.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот