Иванка и зетот на Трамп се сретнале со руски олигарх во Хрватска?

Венди Денг и Иванка Трамп во Дубровник/ Фото: Профимедиа

Американските медиуми објавија документи од истрагата која поранешниот шеф на ФБИ ја водеше за врските на американскиот претседател Доналд Трамп со Русија. Во нив стои дека Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер на одморот во Хрватска во 2016 година биле во „руско друштво“, пренесе „24 сата“.

Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, за време на кампањата на Трамп за претседателските избори, биле на одмор во Хрватска, каде според „Buzzfeed News“, престојувале на јахта во друштво на Венди Денг, поранешната сопруга на австралискиот медиумски магнат Руперт Мурдок. Тогаш, фоторепортерите ги сликаа популарните партнери на луксузна јахта додека шетаа по хрватското приморје.

Меѓутоа, според документите кои сега се појавија во медиумите, а кои ги собра Роберт Мулер, поранешниот шеф на ФБИ во истрагата за наводните врски со Русија на кампањата на Трамп, Иванка и Џаред тогаш во Хрватска биле и во друштво на неименуван руски олигарх и на неименувана девојка од Русија.

Документите, вклучувајќи 274 страници од интервјуата на тимот на Мулер, меилови и други докуменити поврзани со истрагата, објавени се во саботата. Според записите на Мулер, поранешниот главен стратег на Белата куќа Стив Банон поставувал многу прашања за тој годишен одмор и го сметал за сомнителен. Како што во книгата „Страв“ опиша Боб Вудвард, новинарот кој ја откри аферата „Вотергејт“, Банон го налутил фактот што зетот на Трамп бил на одмор за време на кампањата.

– Каде по ѓаволите е Џаред. Морам да разговарам со него и со Иванка – се распрашувал тогаш Банон во канцеларијата. Тогаш го информирале дека тие се на одмор во Хрватска.

Банон, по успешната кампања, стана советник на Доналд Трамп, но нивната соработка траеше кратко. Банон подоцна на иследниците на ФБИ им рекол дека Џаред и Иванка биле во руско друштво. Меиловите кои Банон ги разменувал со неименувани луѓе во 2017 година покажуваат како информацијата за дружењето на Џаред со Руси сакал да ја искористи против него.

Инаку, за кој мистериозен олигарх станува збор не се наведува во документите. Според „24 сата“, во 2017 година се појавиле натписи дека Иванка Трамп со семејството се забавувала на хрватското крајбрежје, во исто време кога се појавиле и информациите дека во Хрватска престојува и рускиот милијардер Дмитриј Риболовљев. За него, пак, се зборуваше дека е курир на Путин, човек верен на рускиот лидер. Дали јахтите на рускиот олигарх и ќерката на Трамп се сретнале во Јадранското Море, документите на Мулер не ја откриваат таа информација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот