Иван од Скопје преку Фејсбук ги извести пријателите дека е заболен од коронавирус

„Сакам да апелирам до сите вас сериозно да ја сфатите целава ситуација и на секој можен начин да се заштитите“

Скопјанецот Иван Стефановски од Автокоманда преку социјалната мрежа Фејсбук отворено и искрено ги извести своите пријатели дека е позитивен на новиот коронавирус и се наоѓа изолиран во стан во Маџари.

На овој потег тој се одлучи со надеж дека никој од оние со кои се сретнал во последниот период не е заболен и за да ја подигне свеста на сограѓаните да ги почитуваат мерките.

Ви го пренесуваме неговиот Фесбук статус:

„Драги роднини и пријатели сакам да ве информирам дека предмалку ги добив резултатите и дека сум позитивен на корона вирусот COVID-19.

Сега за сега сум добар, со некои благи симптоми. Од вторникот сум изолиран во стан во Маџари со надеж дека не сум го пренел вирусот на моите дома. Сакам да апелирам до сите вас сериозно да ја сфатите целава ситуација и на секој можен начин да се заштитите.

Што побавно се шири вирусот толку поголеми ќе бидат шансите за преживување на оние кај кои вирусот ќе предизвика компликации. Најголем проблем со овој подмолен вирус е што најмногу се шири кога немаш никакви симптоми.

Избегнувајте близок контакт со вашите родители и баби и дедовци бидејќи тие се најризична категорија. Седете си дома, а ако веќе имате потреба да излезете обавезно носете маска и ракавици и одржувајте лична хигиена.

Работава не е шала иако многумина ќе го поминат вирусот на нозе, дури нема ни да го осетат, но мора да се забави неговото масовно ширење. Во моментов најтешко ми е што сум сам без моите, но ќе издржиме. Се молам на Бога како стиснат Егеец да не сум го раширил на други луѓе. Останете ми со здравје, се гледаме кога ќе помине ова лудило.“

Денеска сличен потег направи и еден белграѓанец кој преку видео-обраќање на Фејсбук ги извести пријателите и роднините дека е заболен, но се чувствува добро и апелираше до сите кои биле во контакт со него да го споделат видеото.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот